Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија, ја остварила долго очекуваната средба со бугарската потпретседателка Илијана Јотова, заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Како што информираше претседателката на социјалните мрежи, во фокусот на разговорите биле отворените прашања во билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, особено оние поврзани со македонскиот евроинтегративен процес.

На средбата биле разменети различни ставови во однос на можните решенија за деблокирање и отпочнување на пристапните преговори на земјата со Европската Унија.

Силјановска-Давкова ја истакнала потребата од поинтензивна комуникација и соработка меѓу образовните институции, универзитетите, научните и културните организации, како и меѓу невладиниот сектор и граѓаните од двете земји, со цел надминување на предрасудите и унапредување на меѓусебното разбирање.

Таа ја нагласила и важноста од спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, посочувајќи дека тоа претставува обврска за сите земји-членки на Советот на Европа.

Според претседателката, и покрај разликите во ставовите, дијалогот за чувствителните и сложени прашања треба да продолжи.