Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска во Софија ќе оствари средба со бугарската потпретседателка Илијана Јотова, во рамки на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Најавувајќи ги разговорите, Сиљановска-Давкова изјави дека средбата ќе претставува продолжение на претходните контакти меѓу двете страни и можност за градење поголема доверба, но и отворање на важни прашања во односите меѓу Македонија и Бугарија.

„Тоа е природно продолжение на нашата средба во Ереван. Потребни се мерки за градење доверба. Ако граѓаните не контактираат и не учествуваат заеднички во проекти, тешко може да се создаде вистинско разбирање. Треба да внимаваме на зборовите, да не се навредуваме и да се однесуваме со почит“, порача претседателката.

Во Софија се одржува Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, на кој учествуваат шефови на држави и високи претставници од регионот. На собирот присуствуваат претседателите на Албанија, Словенија и Црна Гора, како и претставници на повеќе земји од регионот.

Пред почетокот на лидерскиот самит ќе се одржи и состанок на министрите за надворешни работи, на кој Македонија ќе ја претставува министерот Тимчо Муцунски.

Годинашниот собир е посветен на одбележувањето на 30 години од формирањето на Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Во фокусот на разговорите ќе бидат европската перспектива на регионот, зајакнувањето на регионалната соработка, безбедноста, економската поврзаност и справувањето со актуелните геополитички предизвици.

На самитот се очекува усвојување заедничка декларација со која учесниците ќе ја потврдат својата посветеност на мирот, стабилноста, регионалната соработка и европската иднина на земјите од Југоисточна Европа.

The post Сиљановска-Давкова и Јотова на средба во Софија: Во фокусот довербата и отворените прашања appeared first on Прва Скопска ТВ.