
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ѝ ја честиташе победата на Илијана Јотова на претседателските избори во Бугарија. Во честитката објавена на социјалната мрежа „Х“, таа изрази уверување дека Бугарија за време на мандатот на Јотова ќе има конструктивна улога во регионот и во Европа.
Сиљановска-Давкова посочи дека изборниот резултат ја одразува волјата на бугарскиот народ и изрази очекување за продолжување на соработката меѓу двете земји, заснована врз меѓусебна почит, отворен дијалог и искрено партнерство.
„Со добра волја можеме да ги надминеме постојните предизвици, да ги зајакнеме македонско-бугарските односи и да го унапредиме мирот, стабилноста и просперитетот“, наведува претседателката.
Кандидатската двојка Илијана Јотова и Кирил В’лчев победи на изборите за претседател и потпретседател на Бугарија со освоени 57,58 отсто од гласовите. Нивните противкандидати Андреј Ѓуров и Георги Кандев добија поддршка од 39,47 проценти од гласачите.