
Росица Кулакова, сестра на трагично загинатата Фросина, преку јавна објава реагираше по ослободителната пресуда за Зоран Јованов, таткото на Васил Јованов, кој смртно ја прегази Фросина на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Таа упати неколку прашања.
„Ако таткото не знаел дека Васо ја вози колата, како е можно камерите собрани од Обвинителството да покажуваат дека истото возило Васо го управувал речиси секојдневно со месеци пред да ја убие Фросина притоа константно визејќи со брзина поголема од пропишаната? Ако не знаел, тогаш како не забележал дека колата секојдневно исчезнува и се враќа? Ако знаел, тогаш зошто не го пријавил? Зошто не презел ништо за да го спречи?
Во претходен случај во кој Васо предизвикува сообраќајна несреќа со истото возило, ако не се лажам, во Радовиш, правичниот и строг господин – татко изјавил дека му го дал возилото на својот син. Во оваа постапка истиот татко одговорно тврди дека НИКОГАШ не му ја давал колата на Васо.
И сега, која е вистината? Не може истовремено и двете. Вистината е една“, истакна Кулакова.
Според неа, вчера Судот одбра да поверува на убедливо кажаната лага наместо на тешката вистина.
„И тоа што најмногу загрижува не е само пресудата, туку пораката што ја испраќа. Дека родителот нема никаква одговорност ако со години гледа опасно однесување и не реагира? Дека е доволно да кажеш „не знаев“ и покрај сите околности што укажуваат на спротивното? Дека никој не треба да одговара за премолчувањето, игнорирањето и дозволувањето ризикот да расте сѐ додека некој не биде убиен?
Фросина не загина поради една секунда невнимание. Нејзината смрт е резултат на еден долг синџир на неодговорност, толеранција и неказнивост што очигледно продолжува“, тврди сестрана Росица.
Ослободителна пресуда за таткото на Васил Јованов со чие возило беше предизвикана кобната сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“, а за која веќе е осуден неговиот син. Основниот кривичен суд Скопје, по внимателна анализа на обвинението, изведените докази и релевантните законски одредби, оцени дека дејствијата кои му се ставаат на товар на обвинетиот не ги содржат законските обележја на кривичното дела па заради тоа донесе ослободителна пресуда.
Во конкретниот случај, непосреден извор на опасност и непосреден причинител на настанатата последица е полнолетниот возач како самостоен учесник во сообраќајот.
Кривичното право почива врз начелото на лична и индивидуална одговорност, поради што последиците од самостојното постапување на едно полнолетно лице не можат автоматски да му се припишат на друго лице само поради роднинска врска или поради сопственост на возилото – наведуваат од Кривичен.