Шест лица од струмичкото село Просениково добија кривични пријави поради насилен инцидент што се случил на 24 јули во село Сарај, при што биле физички нападнати повеќе лица, а едно од нив во текот на настанот испукало два куршуми во воздух со ловечка пушка.
СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против Б.Д. (22), Т.Ј. (49), С.Д. (47), В.М. (36), Г.Т. (42) и М.Т. (21), сите од село Просениково, поради основано сомнение за сторено кривично дело „насилство“.
Дополнително, против Т.Ј. и Г.Т. е поднесена пријава и за кривично дело „противправно лишување од слобода“, додека Б.Д. се товари и за „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Според информациите од полицијата, на 24 јули околу 21:20 часот, пријавените насилно влегле во домот на К.Ѓ. во село Сарај, каде физички ги нападнале К.Ѓ., З.Ѓ., Р.Ѓ., В.Ѓ., Б.М., Б.Ѓ. и две малолетни лица, нанесувајќи им телесни повреди. Во текот на инцидентот, Т.Ј. и Г.Т. се обиделе против нејзина волја да ја однесат Р.Ѓ.
При интервенцијата на полицијата, Б.Д. агресивно се однесувал кон полициските службеници и физички нападнал двајца полицајци кои преземале службени дејствија за расчистување на случајот.
Сите осомничени биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Струмица, а за случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица.
Од СВР Струмица информираат дека за време на инцидентот К.Ѓ. излегол на терасата од својата куќа и со ловечка пушка испукал два истрела во воздух. По целосното документирање на случајот, и против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
The post Шест лица од Просениково приведени за насилство по напад во куќа во Сарај, едно лице пукало со ловечка пушка appeared first on Radio StrumicaNet.