Институциите се подготвени за навремен почеток на откупот на тутунот од овогодишната реколта и за инспекциски надзор на постапката, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски на денешната средба со откупувачите, преработувачите и Сојузот на тутунски здруженија, која се одржа во Тутунскиот комбинат во Прилеп.

„Тутунот е стратешка култура за македонското земјоделство, а неговиот откуп е еден од законски најрегулираните процеси. За оваа реколта очекуваме просечната откупна цена да надмине 420 денари за килограм“, истакна министерот Серафимовски.

Како што истакнуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Откупувачите потврдиле дека се подготвени непречено да го започнат откупот на родот, кој се проценува на 26 до 27 милиони килограми, а министерот Серафимовски најави дека тутунарите, покрај приходот од продажбата, може да очекуваат и државна поддршка од 80 денари по килограм за прва класа, 70 денари за втора и 60 денари за трета класа.

„Државниот инспекторат за земјоделство е подготвен со инспекциски надзор да ги опфати сите 317 откупни пунктови на десетте регистрирани компании-откупувачи на тутун “, порача на средбата директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски.