Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски и градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, денеска ги посетија земјоделските производители во селото Дабиље, чии посеви и пластеници претрпеа значителни штети од силното невреме што вчера го зафати Струмичкиот регион.

При увидот на терен било констатирано дека невремето за само неколку минути уништило дел од земјоделското производство и вложениот труд на земјоделците. Министерот Серафимовски најави дека државните и локалните институции ќе ги преземат сите расположливи мерки за да им помогнат на погодените производители.

Тој информираше дека уште во раните утрински часови остварил средба со градоначалникот Јанков, на која биле договорени следните активности. Советот на Општина Струмица треба да одржи седница и да донесе одлука за прогласување елементарна непогода, по што ќе биде отворен период во кој земјоделците ќе можат да ги пријават настанатите штети.

По извршените проценки треба да биде подготвен елаборат, кој согласно предвидената постапка ќе биде доставен до Владата и до Министерството за земјоделство.

„Максимално ќе се вложиме и ќе ги искористиме сите можности што ги имаме за да помогнеме во санирањето на настанатите штети и да бидеме на страната на земјоделците, бидејќи тие се наши партнери во градењето на македонското земјоделство“, изјави Серафимовски.

Градоначалникот Петар Јанков посочи дека невремето предизвикало големи материјални штети врз пластениците и земјоделските површини, но и на повеќе други локации во општината. Силниот ветер урнал дрвја и гранки, оштетил електрична мрежа и предизвикал проблеми на неколку фреквентни патни правци.

Според Јанков, Територијалната противпожарна единица Струмица интервенирала со три екипи, а паднати дрвја биле отстранувани на патните правци Просениково–Струмица и Куклиш–Свидовица. Во расчистувањето во Габрово се вклучило и месното население, додека екипите на ЈПКД „Комуналец“ интервенирале на повеќе места низ општината.

Екипите на ЕВН работеле на санација на оштетената електрична мрежа во Куклиш и Банско. Во Банско, каде што ветерот однел и кровна конструкција од станбен објект, снабдувањето со електрична енергија било нормализирано околу 21:00 часот.

Екипите на „Комуналец“ и денеска остануваат на терен и продолжуваат со расчистување и санирање на последиците.

„Апелирам до нашите сограѓани да ги пријават штетите во службите на Општина Струмица, за комисијата навремено да излезе на терен, да изврши проценка и сè да биде евидентирано“, изјави Јанков.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопштија дека внимателно ја следат состојбата со земјоделското производство и остануваат во постојана комуникација со земјоделците и локалната самоуправа. /Р.Ѓ./

The post Серафимовски и Јанков во Дабиље: Ќе се прогласи елементарна непогода, земјоделците да ги пријават штетите appeared first on Radio StrumicaNet.