
Бројот на пријавени кривични дела на сексуално насилство врз малолетници во Германија во изминатата година се зголемил, произлегува од извештајот на Сојузната канцеларија за борба против криминалот (BKA).
Во 2025 година полицијата забележала 17.126 случаи, што е за 772 случаи повеќе од 2024 година и за 1.600 повеќе од 2021 година, покажува извештајот под наслов „Сексуални кривични дела на штета на младите и децата“ на Сојузната канцеларија за борба против криминалот (BKA).
Од извештајот произлегува дека кај голем број од пријавените жртви станува збор за девојчиња, а во најголем дел од случаите жртвата и сторителот и пред кривичното дело биле на некој начин поврзани, било да се работи за членови на семејството или за лица блиски до семејството на жртвата.
И бројот на ширење порнографски материјал со педофилска содржина пораснал за 20 проценти.
Во извештајот посебно се наведува порастот на преноси во живо од злоупотреба на деца, при што како место каде што се забележани најмногу случаи на вакви кривични дела се споменуваат Филипините.
„Бројот на кривични дела на сексуално насилство врз малолетници и понатаму е застрашувачки висок. Затоа мораме подобро да ги заштитиме децата, посебно во дигиталниот свет“, изјави при претставувањето на извештајот министерот за внатрешни работи на Германија, Александер Добринт.