Вториот човек во НАТО, Радмила Шекеринска оценува дека успехот што Македонија го направи на тема НАТО-членство, треба да биде потсетување и охрабрување дека работите мора да се решаваат и дека се теми што дома се одлучуваат. Според неа, мораме да бараме поддршка од Брисел, од колегите во ЕУ, но пред се, да имаме договор меѓу самите нас.

Шекеринска во емисијата „Тема на денот“ на „Тв Сител“ рече дека тогаш „и каузата во Брисел станува посилна“.

-Кога ќе се сетам на периодот од 2001, 2000, 2006…имаше држави кои што беа зад нас, имаше земји кои што не ги искористија своите шанси, но не сакам да бидеме во тие. Сакам да ги создаваме и да ги водиме нашите шанси кон позитивен резултат, рече заменик-генералната секретарка на НАТО.

Оддалечувањето од домашната политичка арена, според Шекеринска, ѝ овозможило појасно да согледа некои слабости на македонското општество. Најголем впечаток ѝ остава тоа што земјата станала премногу црно-бела, со изразена склоност кон критика на другите и попустливост кон сопствените.

-За некои работи мора да се конфронтираш, мора да се расправаш. Но има теми, особено подолгорочните, за кои од време на време мора да направиш и некоја согласност. Тоа не е предавство, не е попуштање, ниту компромис во смисла во која кај нас тој збор се доживува како срамен. Тоа е како заедно да ја туркате државата напред, изјави, меѓу другото, вториот човек во НАТО.