Претседателката на најголемата исландска опозициска партија им порача на европските политичари да не се мешаат во исходот од референдумот за продолжување на преговорите за членство во ЕУ, кој се одржува следниот месец. Истовремено, високи претставници од Унијата ја поздравуваат можноста за обновување на преговарачкиот процес, пишува „Политико“.

„Клучно е одлуката во август да ја донесе исландскиот народ“, рече Гудрун Хафштајнсдотир, пратеничка и претседателка на Партијата на независноста, која му припаѓа на десниот центар. „Треба да им се дозволи на Исланѓаните сами да одлучат, без надворешни влијанија.“

Хафштајнсдотир се противи на членството и смета дека се работи за прашање што задира во самата суштина на исландскиот национален идентитет. „Независноста е многу емотивно прашање за Исланѓаните. Во нашата историја долга 1.200 години, независни сме дури стотина години“, објасни таа.

Граѓаните на оваа нордиска земја на 29 август излегуваат на референдум на кој ќе одлучат за продолжување на пристапните преговори со Брисел. Предвременото гласање започнува денеска. Со овој референдум не се одлучува за самиот влез во ЕУ, бидејќи за конечниот договор за членство би бил потребен уште еден референдум.

Анкетите покажуваат поделеност околу продолжувањето на преговорите, иако мнозинството граѓани и понатаму се противат на членството. „Поддршката е речиси поддеднакво поделена меѓу опциите ‘за’ и ‘против’“, изјави Хафштајнсдотир во телефонски разговор од ледникот Ватнајекул. „Резултатот ќе биде многу неизвесен.“

Со референдумот се остварува ветувањето што трипартиската коалиција на премиерката Криструн Фростадотир го даде по доаѓањето на власт кон крајот на 2024 година. Сојузот, кој медиумите го нарекоа „Валкириска влада“ бидејќи на чело на сите три партии се жени, вклучува и една проевропска партија. Премиерката Фростадотир изјави дека целта на референдумот е да се заклучи „дебата што ја оптоварува исландската нација“.

Комесарка за проширување Марта Кос го поздрави одржувањето на референдумот и порача дека Унијата „ќе биде подготвена“ доколку Исланд се одлучи за влез. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, пак, изјави дека Рејкјавик „нема што да изгуби“ со обновувањето на преговорите.

Овие позитивни реакции доаѓаат во момент кога Брисел се обидува да ја оживее политиката на проширување како геополитички проект. Целта е поцврсто да се поврзат Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан со Европската Унија. Истовремено се сака да се покаже дека ЕУ и понатаму привлекува нови членки во контекст на напрегнатите односи со Вашингтон и растечката конкуренција со Кина.

Случајот со Исланд се разликува од повеќето останати кандидати. Таа држава со околу 400.000 жители веќе е длабоко интегрирана во ЕУ преку Европскиот економски простор и Шенгенскиот договор, а главниот дел од нејзината надворешна трговија се одвива со Унијата.

Исланд барањето за членство го поднесе во 2009 година, по тешката финансиска криза и колапсот на банкарскиот систем. Преговорите сепак беа прекинати во 2013 година. Економијата во меѓувреме се опорави, а со Брисел изби и спор околу риболовните квоти.

„Му порачувам на Брисел дека Исланд е близок пријател и дека сакаме цврста соработка“, рече Хафштајнсдотир. „Но, пријателството не значи нужно и членство. ЕУ треба да ја почитува фактичката состојба дека Исланд може да биде доверлив европски партнер и без членство во Унијата.“

Партијата на независноста смета дека постојниот однос со ЕУ веќе нуди предности од соработката, но без обврските што ги носи полноправното членство. „Нашето место во светот е јасно — ние сме европска демократија“, кажа таа. „Прашањето на овој референдум не е дали Исланд треба да соработува со Европа, бидејќи ние тоа веќе го правиме секојдневно.“

За противниците на членството клучно е прашањето дали Исланд ќе ја задржи контролата врз политиките што се пресудни за неговата економија и национален идентитет. „Прашањето е дали Исланд треба да ѝ го препушти на Европската Унија донесувањето на клучните одлуки за рибарството, земјоделството и економската политика“, рече Хафштајнсдотир. „Сметам дека тоа не е во исландски интерес.“

Прашањето за суверенитетот е дополнително нагласено со растечките безбедносни тензии на Арктикот. Дебата за заштита на малите арктички држави во односите со големите сили ја поттикнаа и изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд, кој на почетокот од годината на Светскиот економски форум повеќепати го замени со Исланд.

Застапниците за поцврсти врски со ЕУ сметаат дека овие околности дополнително ја оправдуваат потребата Исланд посилно да се поврзе со Европа. Од друга страна, Хафштајнсдотир тврди дека ситуацијата ја нагласува важноста на силните сојузи, но без откажување од контролата врз националните одлуки. Исланд нема армија и во одбраната се потпира врз НАТО и другите партнери. Хафштајнсдотир ја истакна историјата на земјата како доказ дека Исланд може да ги заштити своите интереси и без членство во ЕУ.

„Учествувавме во само една војна, а тоа беа ‘Трескачките војни’ (војните за треска) против Обединетото Кралство“, рече таа, со што алудираше на судирите околу правото на риболов од 1970-тите, кои завршија со победа на Исланд. „Ние сме мала држава и ни требаат силни сојузи“, додаде Хафштајнсдотир. „Но, потребна ни е и способноста самостојно да донесуваме одлуки што одговараат на нашите специфични околности.“