Дирекцијата за европски интеграции на БиХ (ДЕИ) вчера ги објави резултатите од последното истражување за јавното расположение во земјата во однос на европските интеграции. Истражувањето покажа дека две третини од граѓаните сакаат членство во ЕУ и веднаш би гласале за тоа доколку во овој момент биде распишан референдум.

Истражувањето спроведено во април и мај на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници покажа и дека поддршката за европските интеграции сега е поголема за 4,5 отсто во споредба со истото истражување од 2025 година.

„Овие бројки се силна порака. Мнозинството граѓани на БиХ знаат дека членството во ЕУ значи посигурна и попросперитетна иднина. Политичките актери треба да ја слушаат јавноста и да дејствуваат сега“, изјави Сорека, коментирајќи ги објавените резултати.

БиХ во моментов е на опашката на процесот на европски интеграции меѓу државите од Западен Балкан. По повеќегодишен застој, во март 2024 година, оваа земја доби начелна согласност од Европскиот совет за отворање на пристапните преговори, но под услов да ги усвои законите за Судот на БиХ и за Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС).

Овие закони до денес не се усвоени поради спорови меѓу политичките партии, а поради тоа не е именувано ниту лице кое би било главен преговарач. На оваа позиција инсистира Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик, но на именувањето на неговиот кандидат се противат трите бошњачко-граѓански партии, кои веруваат дека таквото лице само би го забавувало преговарачкиот процес во интерес на Москва.

Самиот Додик продолжува да поттикнува евроскептицизам, што го потврди и оваа недела кога се пофали со добрите односи кои, освен со Русија, ги воспоставил и со сегашната американска администрација и со Кина. Сепак, тој потврди дека има проблеми во односите со структурите на Европската Унија, префрлајќи ја целата вина на нив.

„Морам да признаам дека имаме недоразбирања со бриселската администрација, но ова е дефинитивно најлошата бриселска администрација досега“, изјави тој, појаснувајќи дека нема да дозволи „Република Српска да биде дел од ЕУ во која нема да има право на глас и да биде логистика за милитантни структури“.

Силната антиевропска реторика што упорно ја промовираат Додик и неговите соработници резултираше со тоа што поддршката за членство во ЕУ во Република Српска е на ниво од околу 54 отсто, додека во Федерацијата БиХ за членство во ЕУ се дури 86 отсто од испитаниците.