Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, порача дека партијата останува отворена за разговори со сите политички субјекти со цел да се надминат пречките на патот кон членство во Европската Унија.
Говорејќи во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, таа истакна дека СДСМ веќе презела конкретни иницијативи за поттикнување политички дијалог околу европската перспектива на државата. Според Лукаревска, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, иницирал средба со премиерот Христијан Мицкоски, при што европските интеграции биле една од клучните теми на разговор.

Таа потсети и дека до парламентарните партии била доставена резолуција со која треба да се дефинираат националните позиции и црвените линии во преговарачкиот процес со Европската Унија, но засега нема официјални реакции или предлози од останатите политички чинители.
„Подготвени сме сите заедно да седнеме на иста маса и да најдеме решение што ќе овозможи продолжување на европскиот пат на државата“, нагласи Лукаревска.
Во однос на преговарачката рамка, таа потенцираше дека станува збор за документ усвоен од Европската Унија и дека не треба да се третира како билатерално прашање. Според неа, постојат разлики во пристапот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кога станува збор за динамиката на евроинтегративниот процес.
Лукаревска се осврна и на актуелните измени на Изборниот законик. Таа објасни дека СДСМ ја напуштила работната група поради несогласувањата околу укинувањето на техничката влада, како и поради начинот на кој ова прашање било процесирано во Собранието.
The post СЕ ЗАЧЕСТИЈА ПОВИЦИТЕ ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ – ОВОЈПАТ ПОРАКАТА ДОЈДЕ ОД ЛУКАРЕВСКА appeared first on Politika.