Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски и градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, денеска ги посетија земјоделските површини во селото Дабиле, што беа погодени од вчерашното силно невреме.

При посетата тие извршија увид во штетите врз градинарските култури и пластениците, со цел да се добие реална слика за последиците врз земјоделското производство.

„Разговаравме со земјоделците и ги согледавме последиците врз градинарските култури и пластениците. Од производителите добивме конкретни информации за состојбата на нивните површини и за влијанието на невремето врз тековното градинарско производство. Нивните укажувања се важни за да се добие целосна и реална слика за штетите врз земјоделството во овој дел од струмичкиот регион“, напиша Серафимовски на својот профил на социјалните мрежи.

Тој истакна дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство внимателно ја следи состојбата и останува во постојана комуникација со земјоделците и локалната самоуправа.

Градоначалникот Јанков информираше дека освен земјоделските површини погодени од невремето, извршил увид и во патната инфраструктура која, исто така, беше на удар на невремето.

„Благодарение на брзата реакција и интервенција на надлежните служби, предизвиканите штети на патните правци и јавната инфраструктура беа навремено санирани. Ги повикувам сите граѓани кои претрпеле штети да ги пријават до надлежните служби во Општина Струмица, за да можеме навремено да реагираме, комисиите да излезат на терен и да се изврши проценка на состојбата, со цел обезбедување соодветна поддршка“, се наведува во објавата на Фејсбук струмичкиот градоначалник.

The post СЕ СУМИРААТ ШТЕТИТЕ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО ОД НЕВРЕМЕТО ВО СТРУМИЧКО Серафимовски изврши увид на пластениците во село Дабиле appeared first on plusinfo.mk.