
Ива Михаилова (23) од Кочани, на која ѝ се суди во Македонија за сообраќајна несреќа со смртни последици и која беше причина за нови тензии меѓу Скопје и Софија, упати низа обвинувања против домашните институции откако неодамна избега во Бугарија. Во еден бугарски подкаст, каде што беше гостинка со својот адвокат Николај Димитров, Михаилова тврдеше дека третманот кон неа на суд се влошил откако се изјаснила како Бугарка и го обвини обвинителот што го води случајот за бугарофобија и барање пари за полесна казна. Таа, исто така, го обвини македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека „лично финансира 90 проценти од македонските медиуми“ кои шират омраза против бугарскиот народ и Бугарија.
Вели – несреќата за која е обвинета не се случила поради неа, оти возела со дозволена брзина, туку во нејзиното возило удриле мајстори кои работеле на викендичка на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во Берово, откако влегле во нејзината сообраќајна лента.
„Тоа што сум родена во Македонија не ме прави Македонка. Јас сум Бугарка, со бугарски корени“, кажала Михаилова во бугарскиот подкаст.
Михаилова повтори дека поради, како што наведува, недостатокот на специјализирани лекари во Македонија, морала да го продолжи лекувањето во Бугарија и нагласи дека нема намера повторно да се врати назад во Кочани.
Кажа и дека била следена и снимана од службите во Македонија. Подоцна во поткастот, таа посочи и дека два месеци пред да замине, службите сакале да се поврзат со неа со цел да се откаже од „бугарското во себе“, да запре со изјавите и оти ако го направи тоа – ќе ја пуштат на лекување во Бугарија.
Во емисијата не беше споменато името на жртвата, ниту беше објаснето како Михајлова заминала во Бугарија.