
Тимови од ЈП„Водовод“ од Гостивар и ЈП„Водовод и канализација“ од Скопје на денешната седница на Комитетот за управување со кризни состојби треба да излезат со предлог како да се направи прочистувањето на гостиварскиот водовод кој e загаден со колиформни бактерии, изјави за „Локално“, министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој додаде дека основната задача на која сега посветуваат внимание е водоводот во Гостивар што поскоро да се стави во употреба, бидејќи клиничката слика со новозаболени од труењето со фекални бактерии се намалува.
-Денес Управувачкиот комитет за кризни состојби ќе има средба каде што ќе има информации што ќе се преземе за функционирање на водоводот оти сметаме дека здравствената состојба е целосно под контрола и во смирувачки тренд. Тимовите од водоводните претпријатија од Гостивар и Скопје, кои и вчера се сретнаа во Гостивар работат на планот за чистење на водоводот. Тоа е стручна работа на луѓето за водоводни системи и ќе видиме што ќе предложат. Нашата интенција е да се стави во употреба откако ќе ги помине сите неопходни тестирања и проверки да се пушти во употреба водоводот, изјави Клековски.
Тој рече дека вчера во Гостивар биле регистрирани 290 новозаболени со стомачнни болки и температура, а денес 190, и дека тоа е далеку помалку од над шестотини во саботата. Министерот рече дека прават напори ова да биде последен ваков случај во Гостивар, каде и претходно имало труења за кои немало разрешница.
-Вчера со министерот Панче Тошковски бевме на состанок со градоначалникот на Гостивар и со тимот испратен од „Водовод и канализација“ од Скопје и можам да кажам дека имаат едни од најподготвените стручњаци за оддржување на водоводи. Имаат и сопствена лабораторија и се направи заеднички тим со јавното претпријатие од Гостивар, со што се работи на тоа да се врати водоводната мрежа во нормално да функционира, изјави Клековски.
Е.Б.