Две недели пред да ја стават забраната за употреба на водата од градскиот водовод имаше многу заболени со стомачни болки, и мислевме дека е стомачен вирус. Вариш супа од истата вода која била загадена за да излечиш стомачен вирус, раскажува за „Локално“ гостиварчанка која работи во Скопје, но викендите ги минува во родниот град.

Таа објаснува дека откако излезе информацијата дека водата во градскиот водовод е загадена повеќето луѓе купуваат вода за пиење, иако Владата најави дека се обезбедуваат секојдневно по педестина илјади литри вода за жителите.

– Сега од Владата рекоа дека ќе доставуваат вода со цистерни, но тоа треба да биде на повеќе локации, бидејќи не сите луѓе може да стигнат до таму и да земат. Има и повозрасни луѓе кои што ако живеат на повисок кат не можат многу вода да однесат. На пример баба ми живее на четврти кат во зграда која нема лифт и таа не може и да сака да однесе сама поголема количина вода, освен она што и е дневно потребно за пиење, раскажува гостиварчанката.

Таа објаснува дека луѓето и покрај забраната за останатите потреби во домаќинствата повторно ја корстат водата од чешма, бидејќи не можат да купат толку флаширана вода и за миење садови и перење алишта, како и за основните хигиенски потреби.

-Минатиот викенд пиевме кафе во кафетерија, која беше преполна. Сега можеби и обезбедиле техничка вода за работа, но откако излезе информацијата за загадување на водата, повеќето луѓе се плашат да седнат на кафе или во ресторан, раскажува за „Локално“ жителка на Гостивар.

Агенцијата за храна и ветеринарство пред четри дена издаде наредба со која водата од градскиот водовод е забранета за пиење, бидејќи општина Гостивар и јавното претпријатие Водовод бесправно поставиле три пумпи на отворено корито за отпадни води и преку црева го поврзале на главниот цевковод за вода за пиење во градот.

За случајот Основното јавно обвинителство Гостивар и Министерството за внатрешни работи, заедно со Институтот за јавно здравје, АХВ и Државниот инспекторат за животна средина минатиот четврток спроведоа акција. Анализите на водата од ИЈЗ окажаа дека таа има колиформни бактерии, а завчера Обвинителството покрена обвинение за директорката на ЈП Водовод, Артана Асани и уше двајца вработени за тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење.

Ним им беше одреден триесет дневен притвор, а Владата вчера донесе одлука со која прогласи 30 дневна кризна состојба во градот.

Е.Б.