СДСМ обвини дека состојбата со исправноста на водата за пиење во повеќе населени места во Македонија претставува сериозен проблем и побара итна реакција од надлежните институции.

Од партијата наведуваат дека водата не е безбедна за пиење во седум населени места – Гостивар, Валандово, Крушево, Пласница, Прилеп, Лешок и Преглово, предупредувајќи дека дополнителен ризик постои и за други општини кои се снабдуваат од изворот Студенчица.

СДСМ посочува дека поради состојбата со водоснабдувањето во повеќе градови, како и по појавата на бела пена во реката Лепенец и Вардар, потребна е целосна проверка на состојбата со загадувањето.

Опозициската партија упати критики до Владата и премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи дека институциите не реагираат соодветно и дека здравјето на граѓаните е доведено во прашање.

Во соопштението СДСМ побара средствата предвидени за прославата на Денот на независноста, во износ од околу пет милиони евра, да бидат пренаменети за подобрување на водоснабдителната инфраструктура.

Од партијата предлагаат средствата да се искористат за изградба на пречистителни и филтер станици, резервоари, реконструкција на водоводни мрежи и нови инсталации.

СДСМ тврди дека Владата преку Државната лотарија обезбедила 300 милиони денари за финансирање на манифестациите за одбележување на независноста, оценувајќи дека во услови кога дел од граѓаните се соочуваат со проблеми со водата за пиење, приоритет треба да бидат здравјето и основните потреби.

Од партијата дополнително побараа проверка на начинот на избор на организаторите на прославата, наведувајќи дека постојат сомнежи околу транспарентноста на постапката.

„Најважно е граѓаните да имаат чиста и безбедна вода за пиење. Инвестициите во здравјето и инфраструктурата треба да бидат приоритет“, наведуваат од СДСМ.

The post СДСМ: Водата неисправна во седум населени места, бараме итна реакција appeared first on Прва Скопска ТВ.