СДСМ денеска обвини дека Владата на премиерот Христијан Мицкоски создаде нов долг од 2,5 милијарди евра, а пари нема за граѓаните, нема за 600 евра минимална плата, нема за земјоделците. Според опозицијата, како што велат, пари има само за криминални тендери.

-Сега снемува пари и за тендери штом му се брза со избори. СДСМ во Платформата „Твоја држава, твоја шанса“ нуди нов економски пристап, економијата да работи за луѓето, а не само за малкумина привилегирани. Правично е државната поддршка да ја добиваат компании што носат резултати и придонесуваат во економијата, а не фирми што се блиски до власта и напредуваат по партиска линија.

Затоа предвидуваме строга ревизија на секои 18 месеци, на секоја мерка. Ако компанијата не испорачува резултати, ако нема ефект врз продуктивноста, средствата ќе се пренасочуваат кај поуспешни корисници.

Предвидуваме долгорочна поддршка и следење на компаниите што се извозно ориентирани и имаат потенцијал за раст, преку Развојната банка на Македонија, велат од „Бихаќка“.

Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ, истакна дека економијата не е бројка на хартија туку тоа е платата што работникот ја носи дома, пензијата на пензионерот, цената на храната и сметките – достоинството на секое семејство.

-Затоа, во нашата платформа, за работниците создаваме шанса за повисоки плати и достоинствен живот. Минималната плата автоматски ќе се усогласува со трошоците за живот, инфлацијата и просечната плата. Ако растат цените, мора да растат и платите.

Ако профитот на компанијата расте, ќе мора да расте и платата на работникот, порача Младеновска.