СДСМ ја обвини Левица дека со учеството на партиска делегација на форум на БРИКС во Москва и со средбите со претставници на руски организации ја потврдува својата проруска политичка ориентација.

Димитар Апасиев, заедно со Реџеп Исмаил-Хактан и Александар Симонов, учествуваше на форум на БРИКС во Москва. Средби со претставници на Евроазиската економска унија и Руската унија на производители. Во соопштението на Левица пишува: Македонија има интерес да ги проширува дипломатските и економските хоризонти кон новите глобални центри. Нема повеќе маски. Нема „автентична левица“. Има средба со Зјуганов, човек на црната листа на Америка“, велат од СДСМ.

Опозициската партија оценува дека настапот на Левица во Москва е во согласност со нејзините позиции против членството на Македонија во НАТО и нејзините критики кон Европската Унија. СДСМ ја обвинува Левица дека со ваквите активности се залага за политичка ориентација спротивна на евроатлантскиот пат на земјата.

„Левица е анти-работниците. Не гласаше за минимална плата од 600 евра. Анти демократија. Седи на маса со платформата ЗНАМ 2.0 на Мицкоски, што бара клучеви од СДСМ. Сега и официјално со Зјуганов и со БРИКС.

Граѓаните гледаат. Партија што се колне во работнички права, а празна сала за плата.

Партија што се колне во суверенитет, а оди на средба во Москва за БРИКС. Истото далечинско што го држи и Мицкоски. СДСМ не седи на таа маса. Народот не седи на таа маса. Македонија не сака да биде предградие на Москва, руска губернија и руска покраина“, порачаа, меѓу другото, од „Бихаќка“, додавајќи дека БРИКС не е иднина на Македонија туку иднината е ЕУ.

Од Левица порачаа дека БРИКС претставува еден од најзначајните центри на економско и геополитичко поврзување во современиот свет, обединувајќи држави со огромен производствен, технолошки, енергетски и трговски потенцијал.

-Во рамки на остварените средби, претставниците од Левица ја истакнаа можноста од отворање на Македонија кон новите глобални економски центри, диверзификација на надворешно-трговските односи и искористување на потенцијалот за соработка во индустријата, енергетиката, инфраструктурата, земјоделството и современите технологии.

Македонија мора да ги препознае можностите што ги носи новата меѓународна економска архитектура и да развива надворешна политика водена од сопствените национални и економски интереси. За македонската економија проширувањето на меѓународните партнерства претставува можност за зголемување на извозот, зајакнување на домашното производство и отворање нови развојни перспективи, рекоа, меѓу другото, од опозициската партија.