Во македонската политика одамна важи едно непишано правило: кога нема резултати, се организира прес-конференција; кога нема суштинска работа, се глуми загриженост; а кога темата е доволно чувствителна, таа веднаш се претвора во партиска сцена. Така и овојпат, СДСМ и Бисера Костадиновска-Стојчевска решија да ја откријат својата ненадејна грижа за македонскиот јазик – токму во момент кога институциите веќе најавуваат конкретни чекори, инспектори, податоци, стратегија и надзор.
Во нивната политичка претстава, македонскиот јазик најдобро се брани пред камери, со драматични изјави, обвинувања и повици за расправи. Но, прашањето што останува да виси е едноставно: дали јазикот се штити со институционална работа или со партиски настапи во момент кога темата може да донесе некој дневнополитички поен?
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на обвинувањата од СДСМ во врска со примената на Законот за употреба на македонскиот јазик, оценувајќи дека опозицијата ја користи оваа чувствителна тема за политички маркетинг, наместо за вистинска и одговорна работа.
Според владејачката партија, македонскиот јазик не смее да биде сведен на алатка за партиски препукувања, туку мора да се третира како национална и државна обврска. Оттаму велат дека заштитата и унапредувањето на јазикот бараат системски пристап, институционална посветеност и конкретни чекори, а не, како што наведуваат, политички театар и прес-конференции.
Реакцијата следи откако пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, побара од претседателот на Собранието, Африм Гаши, да овозможи одржување надзорна расправа за примената на Законот за употреба на македонскиот јазик. Таа ја обвини власта дека две години не имплементирала ниту една одредба од законот, и покрај, како што рече, алармирањата од опозицијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдат дека Министерството за култура и туризам веќе работи на спроведување на законските обврски поврзани со употребата на македонскиот јазик. Според партијата, Законот за употреба на македонскиот јазик бил донесен во јануари 2024 година со поддршка и од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а по завршувањето на сите потребни собраниски процедури, во јули 2025 година започнал со работа Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик, прв ваков орган во државата.
Како што наведуваат од партијата, во тек е постапка за вработување на пет инспектори за македонски јазик. Тие дополнително ќе поминат соодветна обука за лиценцирање, по што ќе бидат дел од механизмот кој треба да го следи и контролира почитувањето на законот.
Паралелно, се прибираат податоци од државните институции за бројот на вработени лектори, како и за степенот на почитување на Законот за употреба на македонскиот јазик. По обработката на овие информации, Инспекторатот треба да преземе соодветни мерки во рамки на своите надлежности.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и дека е формирана работна група која работи на подготовка на Национална стратегија за македонскиот јазик. Според нив, токму тоа е доказ дека прашањето не се третира како дневнополитичка тема, туку како долгорочен процес кој треба да обезбеди институционална заштита, развој и унапредување на македонскиот јазик.
Во реакцијата, владејачката партија упати и директни критики кон Костадиновска-Стојчевска, обвинувајќи ја дека надзорната расправа што ја бара можела да биде одржана порано доколку таа поактивно ги извршувала своите пратенички обврски.
„Госпоѓо Костадиновска-Стојчевска, наместо да ја барате надзорната расправа со ургенции и театар, подобро беше да останевте во Скопје и да ја вршевте својата работа. Тогаш можеби надзорната расправа ќе беше одржана уште во март, кога ја најавивте. Очигледно, патувањата беа поважни. Македонскиот јазик не е политичка битка како што велите, тој е државна и национална обврска. Ние ја работиме таа обврска сериозно и институционално, а не со прес-конференции и обвинувања“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека резултатите не се постигнуваат со партиски игри, обвинувања и лицемерие, туку преку конкретна работа, процедури и институционален пристап. Според нив, СДСМ се обидува да ја претвори темата за македонскиот јазик во политичка битка, иако станува збор за прашање кое треба да биде над партиските интереси.
Од друга страна, Костадиновска-Стојчевска на прес-конференција во Собранието оцени дека состојбата со примената на законот е сериозна и алармантна. Таа посочи дека реакцијата на СДСМ доаѓа и по изјавите на експретседателката на Советот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска, која пред еден месец поднесе неотповиклива оставка од функцијата, а неодамна јавно ги образложи причините за таквата одлука.
Според Костадиновска-Стојчевска, ова не е политичка битка, туку битка за зачувување и унапредување на македонскиот јазик. Таа оцени дека е загрижувачки што, и покрај донесениот закон, во јавноста се слушаат пораки дека никој не се грижи за македонскиот јазик.
Пратеничката потсети дека на 23 март 2026 година пратеничката група на СДСМ поднела барање за одржување надзорна расправа за, како што рече, нефункционирањето на Законот за македонскиот јазик. Таа обвини дека нема Национална стратегија, нема јасен државен став за негување на јазикот и дека луѓето кои се грижат за ова прашање се игнорирани од ресорното министерство.
Костадиновска-Стојчевска упати и остра критика кон министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, прашувајќи дали тој воопшто го поставува македонскиот јазик како приоритет.
Полемиката меѓу власта и опозицијата продолжува во момент кога прашањето за македонскиот јазик повторно се наметнува како една од најчувствителните теми во јавноста. За ВМРО-ДПМНЕ, тоа е национална и државна обврска која се решава преку институции. За СДСМ, пак, актуелната власт не прави доволно за спроведување на законот.
Она што останува јасно е дека македонскиот јазик повторно се најде во центарот на политичка пресметка. Прашањето е дали од оваа дебата ќе произлезе вистинска институционална грижа или само уште една партиска епизода во која јазикот се користи како сцена за меѓусебни обвинувања.The post СДСМ СО НОВА ДРАМА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК: БИСЕРА ОТКРИ „ИТНА“ ГРИЖА ЗА НАЦИОНАЛНОТО ПРАШАЊЕ appeared first on Politika.