СДСМ упати нови обвинувања до претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, тврдејќи дека темата за полагањето на правосудниот испит се користи за создавање привид на несогласувања во владината коалиција и отворање пат за предвремени парламентарни избори. Според опозициската партија, Димитриевски и ЗНАМ имаат задача да му обезбедат политичко алиби на премиерот Христијан Мицкоски во момент кога, како што наведуваат, државата се соочува со финансиски проблеми и аферата со Алта банка.

„Правосудниот испит сега се турка како тема за наводен судир во коалицијата. Целта е да се создаде впечаток на тензија и да се отвори пат за предвремени избори. Да не се признае дека е загрозена финансиската стабилност заради Алта банка и дека нема пари во буџетот“, наведуваат од опозициската СДСМ, оценувајќи дека Димитриевски одамна го изгубил политичкиот кредибилитет и дека повеќе не стои зад платформата со која настапил на изборите.

Од СДСМ ја критикуваат и работата на актуелната Влада, обвинувајќи ја за лоши економски резултати, дипломатска изолација и сериозни проблеми поврзани со Алта банка. Во соопштението се тврди дека состојбата на банката е загрижувачка, дека штедачите се соочуваат со неизвесност, а дека се загрозени и јавните претпријатија. Партијата смета дека политичките теми се користат за да се оттргне вниманието од овие прашања.

„Но пред обидот да му даде алиби на Мицкоски за избори, Максо мора да одговори зошто имал состанок со Вулин – директор на БИА, министер за одбрана и полиција, еден од осомничените за плантажата со марихуана во Србија (Јовањица) – околу Алта банка. Каква била улогата на Максим за српската БИА и за Алта банка? Дали и Максо беше еден од лобистите за Вучиќевата пералница на пари од криминал и корупција?“, прашуваат социјалдемократите.

Опозициската партија бара Димитриевски да ги објасни наводните контакти и средби со српскиот функционер Александар Вулин, како и неговата евентуална поврзаност со Алта банка. Од СДСМ порачуваат дека нема да прифатат, како што велат, обидите за пренасочување на вниманието од прашањата за банката и финансиската состојба во државата да послужат како оправдување за предвремени избори. „Нема да има никакво алиби. Има прашања. И ќе има одговорност“, порачуваат од партијата.