
Премиерот Христијан Мицкоски со критика до опозицијата, оценува дека од 32. Конгрес на социјалдемократите не произлегува ништо освен како што рече фолклорот на кој јавноста е навикната. За нивниот став за евроинтегративниот пат на земјава, и спроведувањето на уставните измени, шефот на Владата коментира дека претставуваат мекото ткиво на македонскиот идентитет.
„Од оној фолклор којшто сме навикнати да го слушаме, не видовме ништо поразлично“ – премиерот Мицкоски за новата програмска платформа на СДСМ. Од владејачката партија и денеска со нови обвинувања до СДСМ за како што велат нови предавства за македонскиот народ. Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат со што е уценет лидерот на социјалдемократите Венко Филипче за да повикува на уставни измени.
Социјалдемократите со спротивен став, велат дека нудат борбата против корупцијата, подобар животен стандард и европската иднина за Македонија. Според нив земјата не смее да остане заглавена во национализам, популизам и политички манипулации. СДСМ со дијаметрален став од премиерот, тврдат дека наместо поделби тие нудат визија за обединување околу државните интереси, економски развој, борбата против корупцијата и европските вредности преку поширок фронт за вистина и правда.
За дел од аналитичарите, партискиот настан на СДСМ од неделата претставува „театар за деца и младинци, но веќе и на децата не им е интересен“. Според политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, лидерот на СДСМ упорно одбива или пак со сила се прави недоветен да прифати дека граѓаните не го препознаваат како алтернатива на актуелната власт.

Благојче Атанасоски – Фото: Локално
-Да, навистина, после половина мандат на оваа владејачка коалиција, има огромно незадоволство кај граѓаните од начинот на упражнување на власта, особено неиспорачување резултати во економско-стопанскиот дел, животниот стандард и функционалност на судско-обвинителскиот систем (наместо чувства, навистина екс-премиери и нивни блиски роднини, ако се инволвирани во тежок криминал, да одговараат пред органите на прогонот и правдата), и при ваква власт, овој „лидер“ се повеќе ја тоне партијата која му ја подариле да ја води, а со тоа и опозицијата и можноста за смена на власта. Таканаречените шест столбови се само замајување на јавноста, и верувам дека никој не верува во нивната релевантност и кредибилност. На крајот на денот, и анкетите за неговата (не)популарност и резултатите од минатогодишните локални избори ко покажаа тоа, што токму сега го велам, истакнува Атанасоски за „Локално“.
Според него, залудна е секоја испратена порака со сегашното раководство на партијата, особено во полето на евроинтеграцииите. Атанасоски смета дека една од најголемите причини, поради која оваа партија катастрофално ги изгуби двојните претседателски и парламентарни избори пролетта во 2024-та година е токму, како што вели, нивниот став за евроинтеграциите и т.н „прифаќање на францускиот предлог“.
-Без да навлегувам дали е исправен или не тој став, граѓаните, па дури и дел од нивното членство не се согласуваа со таа политика и драконски ги казнија. Гледам дека ум не им доаѓа по тоа прашање. Којзнае можеби и тоа им е задача -да одработуваат (ин)директно за власта, свесно, наменски и намерно со секоја своја изјава или предлог се повеќе политички да тонат и да се самозакопуваат, нагласува соговорникот.
Наместо поделби, СДСМ нуди визија за обединување околу државните интереси, економски развој, борбата против корупцијата и европските вредности преку поширок Фронт за вистина и правда, порача портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, на вчерашната прес-конференција.
Кузеска посочи дека Македонија не смее да биде заложник на политики кои ја оддалечуваат од европскиот пат и дека е потребно обединување околу заедничките државни интереси.
„Фронтот за вистина и правда не е партиски проект туку широко надпартиско – општествено движење отворено за сите граѓани, организации, интелектуалци, професионалци, синдикати и општествени чинители“, рече Кузеска.
Воедно, на прес-конференцијата Кузеска посочи дека со „Скопската иницијатива“ и платформата „Твоја држава, твоја шанса“ СДСМ ја започнува новата етапа на политичко дејствување.
„Етапа заснована на вредностите на социјалдемократијата, борбата за подобар животен стандард, борба против корупцијата и за европска иднина за Македонија.Програмската платформа „Твоја држава, твоја шанса“ е визијата на СДСМ за модерна, праведна и европска држава во која институциите работат за граѓаните, трудот е вреднуван, а младите имаат причина да останат и да ја градат својата иднина дома.Преку „Скопската иницијатива“, СДСМ ја потврди својата улога како обединувачки фактор на поширокото прогресивно движење во регионот и Европа, кое се спротивставува на корупцијата, авторитарноста и антиевропските политики“, рече портпаролката.
Н.П.