СДСМ обвинува дека судството, кое според нив е под целосна контрола на премиерот Христијан Мицкоски, го ослободува Бојан Јовановски – Боки 13 среде огромен скандал со „Алта банка“.

Според партијата, овој потег е свесен обид за дефокусирање на јавноста. СДСМ тврди дека на Мицкоски му е потребен нов мегафон за нови напади, дискредитации и црна кампања, бидејќи досегашните политички алатки и сателити како ЗНАМ и Левица се потрошени и не даваат резултат, а надворешната пропаганда е разобличена.

Во соопштението се прави паралела со случувањата во соседна Србија, каде за „Алта банка“ веќе се водат истраги, има кривични пријави, приведен сопственик и најавен стечај. Наспроти тоа, од СДСМ реагираат дека во Македонија отсуствува истрага, а гувернерот Трајко Славески тврди дека сè е во ред. Партијата обвинува дека граѓаните чекаат во редици во неизвесност и не можат да дојдат до своите пари само за да се заштитат криминални средства.

„На криминалната банда на власт треба да им биде јасно дека ниту дефокус со Боки 13, ниту сателитите, ниту целата пропагандна машинерија нема да го спасат Мицкоски од одговорност“, порачуваат од СДСМ на крајот од соопштението.

Апелациониот суд во Скопје донел ослободителна пресуда за Бојан Јовановски-Боки 13, во предметот „Меѓународен сојуз“, со што е преиначена првостепената пресуда со која тој беше осуден на пет години затвор.

Информацијата на социјалните мрежи ја објави неговиот адвокат Сашо Дуковски, кој го застапуваше Јовановски во судската постапка.