
„Мицкоски нуди два сценарија. Првото – да се најде купувач. Второто – банката да оди во стечај. Првото сценарио: да се најде купувач. Нема купувач. Стандардно од ВМРО и Мицкоски е некој друг да им биде виновен. Но, вистината е дека никој не сака да купи криминално портфолио на банка во сопственост на човек што до вчера држеше мала менувачница во Земун“, велат од СДСМ за случувањата со битолската Алта Банка. Според партијата, ниту една сериозна банка не би го презела тоа бидејќи, како што велат, репутацијата е руинирана, капиталот е под сомнеж, истрагите се во тек во Србија, Црна Гора и ЕУ.
Од опозициската партија велат дека „второто сценарио: банката во стечај. Ова веќе се случи. Банката во Србија е во стечај. Кога банка ќе ја изгуби дозволата за работа, нормално е да оди во стечај. Мицкоски вели сите да бидат спокојни и дека сите ќе добијат пари. Прво, граѓаните ќе добијат пари до влог од 30.000 евра од агенцијата за осигурување на депозити. Второ, поголемите суми нема да ги добијат во целост – само осигурениот дел. Трето, она што Мицкоски не го споменува се парите на јавните претпријатија. Повторно пари на граѓаните на Македонија“.
СДСМ поставува низа прашања:
„Колку пари губи државата? Колку е активата на банката? Кога вели дека и останатите ќе се наплатат од стечајната маса – врз основа на што? Пример со српската Алта банка: се тврдеше дека банката имала речиси 400 милиони евра во трезорот, а на крајот се потврди дека Мацура веќе ги изнел. Прашање за Мицкоски: колку народни пари, пари на граѓаните на Македонија, се во Алта банка? Нема молк додека се кријат бројките. Нема безбедност додека се штитат криминалните пари на сметка на штедачите. Единственото сценарио што Мицкоски не го кажа е дека е 100% сигурно дека тој и Славески ќе одговараат. Дека ќе застанат пред лицето на правдата. Тоа сценарио не го кажа – само е прашање на време. И се чини дека ќе биде наскоро“, порачуваат социјалдемократите.
СДСМ бара министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска да си поднесе оставка и да се отвори истрага за да се провери текот на парите на Алта Банка. На социјалните мрежи Филипче објави документ во кој пишува дека Владата носела заклучоци директно поврзани со понудата за преземање акции од страна на српската Алта Банка.
Премиерот Мицкоски вчера побара Јавното обвинителство да се позанимава со СДСМ која, според него, не само што шири паника и ја нарушува довербата во банкарскиот систем, туку со своите настапи ги одвраќа и потенцијалните купувачи на банката.
Од Обвинителството велат дека ситуацијата се следи, ако се детектираат неправилности ќе се постапува.
Надзорната расправа за Алта банка ќе се одржи во Собранието в среда на 11-ти ноември.