
Пратениците на СДСМ и коалицијата ќе поднесат интерпелација за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, по случувањата со Алта банка АД Битола, најавија од опозициската партија.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, утре, 2 ноември, ќе ги соопшти следните чекори на прес-конференција во Собранието. Обраќањето е закажано за 11:30 часот во собранискиот прес-центар.
-Каква е оваа одлука на Славески граѓаните да не можат да си ги извадат парите, да можат само 10.000 денари неделно да вадат, а фирмите да можат колку сакаат, праша Филипче преку јавна објава, пренесоа од СДСМ.
Управувањето со Алта банка АД Битола привремено го презема Народната банка на Македонија. Гувернерот информира дека Извршниот одбор на Народна банка донел одлука за воведување на администрација во Алта банка.
На сила стапуваат и ограничувања за плаќањата од сметките на клиентите на банката, а определен е и неделен лимит за одлив од сметките на физичките лица до 10.000 денари.
Славески информира дека до крајот на вчерашниот ден, од Алта банка АД Битола биле повлечени околу два милиони евра, поради што платежните картички биле привремено блокирани. Мобилното и електронско банкарство, пак, ќе биде повторно достапно за неколку дена.