Опозициската СДСМ излезе со прашање колку време му требаше на министерот за здравство, Сашо Клековски да признае дека „црвените светла“ се запалиле со задоцнување во Гостивар.

-Министерот за здравство Сашо Клековски призна дека „црвените светла“ се запалиле со задоцнување во Гостивар. Колку време беше потребно за да го признае тоа? Денови откако илјадници граѓани во Гостивар се разболеа, откако водата беше прогласена за неисправна во повеќе населени места. Денови откако институциите велеа дека ќе дојдат „за пет дена“ да ја проверат водата. Сега, кога кризата веќе ескалираше и кога повеќе никој не може да ја сокрие, министерот конечно кажува дека системот реагирал доцна, стои во соопштението на СДСМ.

Опозицијата обвини дека власта не реагира навреме кога е во прашање здравјето на граѓаните.

Реагираат доцна. Реагираат под притисок. Реагираат дури кога штетата е веќе направена.А потоа доаѓаат со признанија како ова, дека светлата се запалиле со задоцнување, и јавно праша кој е одговорен, премиерот, министрот или Државниот јавен обвинител кој не реагира никако.

Оваа рекција на опозициската партија доаѓа по денешната изјава на министерот од болницата во Лешок, во која вели дека прават увид преку три независни извори за да се утврди кога стигнала првата пријава кај лекарите и здравствените власти за труењето во Гостивар и дека има доцнење од 3 до 4 дена во пријавувањето на заразните заболувања.

-Отидов кај инфектолозите, колку време поминало од првата пријава во системот додека се запалиле црвените светла, дали е регистрирано? Како се вкрстува тоа со анализите на Центар за јавно здравје и уште треба да ги видиме и анализите на АХВ. Треба да ги сумираме сите информации. Затоа јас ви гарантирам дека многу брзо, нема тоа да бидат месеци, ќе ги комплетираме и ќе имаме еден објективен поглед на работите. Одговорноста е една работа, другото е да видиме што можеме да поправиме во системот на рано предупредување, бидејќи очигледно пријавите за заразни заболења имаат 3 до 4 дена доцнење во известувањето според ова што до сега можам да го видам на терен, изјави Клековски.