Кога СДСМ ќе ја крене раката за „човекови права“, „еднаквост“ и „заштита на маргинализираните“, веќе е јасно дека Собранието нема да слуша само расправа за кандидат, туку политичка проповед со внимателно избрани зборови и силна доза морална супериорност. Овојпат микрофонот го презеде Бисера Костадиновска-Стојчевска, која од собраниската говорница настапи како чувар на сензитивноста на ЛГБТ заедницата и правата на жените, предупредувајќи дека предложениот кандидат за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација има јавни ставови што, според неа, не се компатибилни со функција која треба да штити од дискриминација.
Во меѓувреме, Собранието со 56 гласа „за“ и еден „против“ ја избра Катерина Зајковска од Скопје за нов член на Државната комисија за спречување на корупцијата. Зајковска е дипломиран економист и магистер по сметководство, финансии и ревизија.
Нејзиниот избор доаѓа по испразнетото место во ДКСК, кое остана празно по оставката на Цвета Ристовска. Ристовска се повлече од функцијата откако беше утврдено дека, иако во анкетниот лист пријавила дека нејзините синови имаат фирми, не навела дека една од тие фирми учествувала во изборната кампања на Гордана Сиљановска-Давкова.
Но, изборот во Антикорупциската комисија не беше единствената точка што предизвика внимание. Собранието ја започна и општата расправа за Предлог-одлуката за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а токму тука се отвори нов политички фронт.
Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, оцени дека е лицемерно и парадоксално за член на оваа Комисија да се предлага човек кој, како што рече, додека зборува за личен интегритет, објавувал ставови со кои се повикува на отфрлање и осуда на ЛГБТ заедницата и правата на жените.
Според неа, предложениот кандидат предизвикал сериозни реакции во јавноста, бидејќи неговите ставови, како што наведе, не се само прашање на лично мислење, туку отвораат дилема дали таков човек може објективно и непристрасно да постапува во институција чија основна задача е заштита од дискриминација.
Костадиновска-Стојчевска посочи дека ова е трет обид за избор на член во Комисијата, но ниту овој обид, според неа, не поминува без контроверзии. Таа обвини дека кандидатот ги негира маргинализираните заедници, нивните права и слободи, и ги претставува како проблем затоа што не се вклопуваат во неговата, како што рече, пронаталистичка утопија.
Пратеничката на СДСМ особено се осврна и на ставовите поврзани со феминизмот и правата на жените. Таа нагласи дека во држава која се соочува со сериозни проблеми со насилство врз жени и фемициди, не може да се игнорира кандидат кој, според неа, борбата за заштита на жените ја претставува како отстапување од природноста на човекот.
„Овие ставови не само што отвораат сомневање за неговото разбирање на човековите права и слободи, туку директно влијаат на неговата подобност да биде член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“, порача Костадиновска-Стојчевска.
Таа повика пратениците уште еднаш добро да размислат дали предложениот кандидат треба да добие поддршка, имајќи предвид дека Комисијата треба да биде институција која ќе постапува со интегритет, непристрасност и објективност.
Во рамки на денешната 104. седница, Собранието донесе и повеќе други одлуки. Меѓу нив се Предлог-одлуката за избор на член на Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца, измени во составот на собраниските комисии, како и измени во пратеничките групи за соработка со парламенти на други држави.
Пратениците разгледуваа и одлука за распишување јавен оглас за избор на членови на Советот за граѓански надзор, како и измени во Комисијата за следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
Собраниската седница треба да продолжи по 15 часот, откако беше дадена пауза на барање на пратеничката група на Левица.The post СДСМ ГО ВКЛУЧИ АЛАРМОТ ЗА СЕНЗИТИВНОСТ: БИСЕРА ОТКРИ НОВ „ОПАСЕН“ КАНДИДАТ ВО СОБРАНИЕТО appeared first on Politika.