
СДСМ го обвини гувернерот на Народната банка, Трајко Славески дека работи на повик од премиерот Христијан Мицкоски за случувањата со Алта Банка. Партијата потсетува дека во Европа имаше санкции и суспензии за банката.
„Во Црна Гора регулаторот ја одби Алта Банка и ги потврди притисоците. Во Србија сега е отворен стечај, извршено е апсење на Мацура и отворена е истрага за 380 милиони евра. Формален сопственик е човек со менувачница. Сомнежите се однесуваат на потеклото на капиталот.
Мицкоски ја внесе Вучиќевата пералница на пари од криминал и корупција во Македонија. Го внесе и осигурувањето. Ги внесе парите на јавните претпријатија и на граѓаните во Алта Банка.
Ова е веќе видено сценарио од Србија. Апсењата се секојдневни. Наскоро ќе излезе целата вистина на виделина. Вучиќ рече дека тој ништо не потпишувал. Од тогаш, долг е редот на сведоци и соработници на правдата“, порачаа од СДСМ.
Му порачаа на гувернерот дека, како што велат, имаш уште малку време.
„Пријави го Мицкоски. Инаку во пријавата ќе бидеш ти обвинетиот. И ќе одговараш заедно со бандата. Обвинителството мора да реагира. Дадовте заклетва на граѓаните, не на оваа мафија. Ако продолжите да ја штитите бандата, ќе одговарате заедно со неа. Вистината излегува на виделина. Бандата ќе одговара“, стои во партиското соопштение.
Алта банка – Битола е здрава финансиска институција и нема причина за загриженост, бидејќи располага со повеќе средства отколку што се побарувањата – вели премиерот Христијан Мицкоски. Тој откри дека следниве денови ќе се организираат средби за изнаоѓање купувач на Алта банка – Битола.
И додека СДСМ бара во целиот случај да се вклучи и Обвинителството, од каде деновиве оценија дека за такво нешто е сè уште рано, премиерот Мицкоски одново уверува дека сите депоненти и штедачи ќе бидат обесштетени до последен денар.