„Над 4.070 граѓани во Гостивар побарале медицинска помош. Вчера беа регистрирани уште 125 прегледи на лица со симптоми, а едно дете е хоспитализирано во болница. Водата била загадена со фекалии. А институциите молчеле. Симптомите почнале на 14 јули“, стои во соопштението на СДСМ за состојбата со гостиварската вода.

Од опозициската партија велат дека „епидемија е прогласена дури на 19 јули, цели пет дена институциите не ја информирале јавноста навреме и не презеле мерки“.

-Додека граѓаните масовно завршувале по амбуланти и болници. Министерот Клековски потврди дека имало отстапувања во примероците. Но, предупредувањето дојде доцна“.

„Ова не е технички пропуст туку системски колапс. Кога институциите молчат додека илјадници луѓе се трујат, тогаш повеќе не зборуваме за грешка. Зборуваме за однос кон граѓаните. Одговорноста е јасна. Прашањето е само кога некој конечно ќе ја преземе. Мицкоски вели дека од денес техничката вода во Гостивар е чиста. Дали му верувате?“ прашуваат од СДСМ.

По еднонеделната криза со водоснабдувањето во Гостивар – најдоцна до денес се очекува жителите да добијат технички исправна вода за користење. Стручни екипи од скопски водовод неколку дена вршат хиперхлорирање на главниот цевковод, резултатите од примероците вода се добри – изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски. Засега не е познато кога водата ќе биде безбедна и за пиење.

„Екипи од скопскиот водовод во Гостивар работат на хиперхлорирање на инсталацијата. Очекувам уште утре да се издаде соопштение дека водата е технички исправна за користење. Ова се санираше во рекорден рок од една недела“, рече претседателот на Владата.

Во меѓувреме обвинителството ја продолжува истрагата за епидемијата, засега осомничени се директорката на ЈП „Комуналец“ и двајца раководители во претпријатието.

Во Гостивар е прогласена епидемија, а во градот на сила е кризна состојба откако анализите покажаа присуство на фекални бактерии во водата што предизвикаа здравствени проблеми кај неколку илјади жители.