Државниот јавен обвинител Ненд Савески изјави дека обвинителите од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција имале состанок со истражитеителите од МВР за случајот со шпионажа кај претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

– Она што е најново е дека имаше состанок со истражителите, односно со истражителите од МВР и тимот на истражители кој работи на овој случај во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Имаше координативен состанок на кој присуствував и јас. Се изготви план за понатамошни истражни дејствија. Според информациите со кои имав увид, како од надлежниот јавен обвинител, така и од истражителите, истражните дејствија се во завршна фаза, така што сметам дека во скоро време ќе има јавно-обвинителска одлука во врска со тој случај, изјави Савески.

Тој додаде дека МВР доставило видео снимки за случајот до обвинителството и тие се предмет на анализа.

Од ОЈО ГОКК претходно објавија дека пет месеци водат предистражна постапка за сомневања за нелегални активности во Кабинетот на претседателката.

-Специјалната истражна единица ОЈО ГОКК, по добиено известување на 18.12.2025 година од Министерството за внатрешни работи – Сектор за сајбер криминал, кое беше поврзано со настан што се случи на 24.11.2025 година и постоење на индиции за нелегални активности од висок државен интерес, истиот ден отвори предистражна постапка и беа преземени сите потребни мерки согласно законските овластувања, објавија од Обвинителството.