Граѓанската иницијатива која има свои советници во Советот на Општина Центар, „Шанса за Центар“ објави видео од гласањето на седницата на која се изгласа новиот Нацрт-Детален урбанистички план (ДУП) за локалитетот Барутана на Водно, кој предвидува изградба на десетици нови објекти. Со објавеното, граѓанската иницијатива му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека е ноторна лага дека советниците на ВМРО го поддржале ДУП-от во Општина Центар.

„Почитуван премиер Христијан Мицкоски, повелете видео од седницата на општина Центар да видите како гласаа вашите советници за планот за Водно. Можеби спротивно на вашите ставови, но секако не против планот за сечење на шума на Водно и градење нови згради“, стои во пораката од „Шанса за Центар“.

Според тоа што може да се слушне од видеото, 13 советници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ гласале „За“. „Против“ биле девет советници. Советниците на „Шанса за Центар“, Левица и ЗНАМ не го поддржаа нацрт-планот.

Пред два дена, премиерот за „Локално“ изјави дека ноторна лага е дека советниците од Општина Центар гласале за планот „Барутана“ со кој е предвидено на јужната страна на Водно да се градат хациенди. На прашањето дали по вчерашното невреме и штетите предивикани во Скопје ќе побара од советниците на Општина Центар од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да не гласаат за планот, тој прво рече дека не знае за каков план прашуваме, ниту кои стручњаци предупредиле дека Водно може да се сруши врз Скопје ако се реализира планот.

Потоа додаде дека се сетил за што прашуваме, но дека е лага дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласале за планот.

Просторот познат како Барутана се наоѓа на Водно, во близина на полициската станица и почетокот на планинарските патеки. Во Планот за енергија и клима на Општина Центар ова подрачје е означено како зона загрозена од ерозија, со препорака за пошумување и зајакнување на зеленилото, наместо изградба на нови станбени објекти.

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски по реакциите од советниците изјави дека со новиот план се потврдуваат само маркичките кои постоеле во претходниот и дека со него се намалува површината за градба, која била предвидена со претходниот.

Советникот во Град Скопје од коалицијата „Зелен Хуман Град“, Маријан Калевски за „Локално“ рече дека е жално што во денешно време може да се манипулира со такви тврдења.

Жално е што мисли дека може да манипулира со такви тврдења, вели Калевски за изјавата на Мицкоски дека советниците од ВМРО не гласале за планот за Водно