Премиерот Христијан Мицкоски денескат од самитот ЕУ-Западен Балкан на Тиват порача да бидеме трпеливи бидејќи ова се моменти кога ЕУ јасно кажува дека процесот на проширување е жив. Тој изјави дека, главна задача на Владата е да го зачува и унапреди евроинтегративниот процес, но овојпат без да се жртвува националното достоинство, како што, според него, се случувало во минатите децении

„Наша цел е да останеме држава којашто испорачува најмногу реформи и истовремено да останеме фокусирани на проширувањето и да го зачуваме националното достоинство“ изјави Мицкоски.

Запрашан за детали од состанокот со канцеларот Фридрих Мерц, премиерот Христијан Мицкоски изрази големо задоволство од разговорите, оценувајќи ги како исклучително конструктивни. Тој потсети дека со Мерц веќе се познаваат од активностите во рамките на Европската народна партија (ЕПП), но нагласи дека ова е нивна прва официјална средба во својство на премиери.

Во Тиват денеска се одржува Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој има цел да ја потврди и зајакне соработката меѓу Европската Унија и регионот. Настанот, кој се одвива под слоганот „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“, го води претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, а домаќин е црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ. На самитот присуствува и македонскиот премиер Христијан Мицкоски