Американскиот економист Џефри Сакс ја повика Европската Унија (ЕУ) да се „разбуди“, да ја прифати реалноста и да ги интегрира Македонија, Србија и другите земји-кандидатки.

„Знаете, мојот совет до Европа е да се разбуди и да ја прифати реалноста. Ова, секако, значи интеграција на вашата земја, Србија и другите земји-кандидатки во Европската Унија. Верувам дека и Украина треба да стане членка на Европската Унија, но како неутрална земја“, рече Сакс во видео-обраќање на Школата за млади лидери на поранешниот претседател, Ѓорѓе Иванов.

Тој нагласи дека не сака Европа да се претвори во милитаристички простор, а уште помалку да се дефинира како регион спротивен на Русија.

„Тоа е огромна грешка, можеби дури и катастрофална. Европа треба да биде регион на интеграција и соработка, регион кој заеднички ќе ја спроведе зелената трансформација, ќе гради инфраструктура и ќе обезбеди мир и трговска соработка со Русија, Кина, Индија и остатокот од светот“, кажа Сакс.

Познатиот американски економист рече дека лично би го укинал НАТО и дека не гледа причина зошто тој треба да продолжи да постои.

„Би го укинал уште во 1991 година, а би го укинал и денес. Тоа беше организација создадена за да се спречи инвазијата на Советскиот Сојуз, кој повеќе не постои. И верувам дека Русија нема намера или интерес да ја нападне Европа. Русија сака своја безбедност. Тоа е сè. И за тоа говориме кога зборуваме за принципот на неделива безбедност“, рече Сакс.

Тој додаде дека сака Македонија да стане членка на Европската Унија и дека верува во Европската Унија, но не на начинот на кој таа функционира во моментов.

„Верувам во реформирана визија за Европската Унија – како светилник на мир, соработка, зелена економија и висок квалитет на живот. Ова е вистинска европска улога. Европа е особено добра во ова. Квалитетот на животот во Европа е многу висок и треба да остане таков. Не преку војни и милитаризација, туку преку промоција на добар живот, во аристотеловата смисла на зборот“, заклучи Сакс.