САД извршија нов бран напади врз Иран втора ноќ по ред, а според американската војска цел биле воени капацитети за надзор, комуникациски системи и позиции на противвоздушната одбрана.

ЦЕНТКОМ соопшти дека во операцијата биле вклучени сили на Маринскиот корпус, Воздухопловните сили и Морнарицата на САД. Во нападите била употребена прецизно наведувана муниција врз цели за кои Вашингтон тврди дека претставувале закана за американските сили и за меѓународниот поморски сообраќај.

„Силите на ЦЕНТКОМ извршија напади врз ирански воени капацитети за надзор, комуникациски системи и позиции на противвоздушната одбрана низ Иран“, се наведува во соопштението објавено на Икс.

Од американската команда порачаа дека акцијата е одговор на, како што ја опишуваат, неиспровоцираната и континуирана иранска агресија.

 

Утрово на социјалните мрежи кружеше видео на кое се гледа како пресретнувачи од американската противвоздушна батерија МИМ-104 „Патриот“ соборуваат ирански балистички ракети со среден дострел над воздухопловната база Музафак Салти во Јордан.

 

Ормуз, затворен или отворен?

Иранските медиуми објавија експлозии во близина на градовите Минаб и Сирик во јужниот дел на земјата.

Во меѓувреме, Техеран соопшти дека го затворил Ормускиот Теснец за бродски сообраќај. Американската страна веднаш го оспори тоа тврдење.

„Трговските бродови продолжуваат да влегуваат и да излегуваат од Ормуз“, соопшти ЦЕНТКОМ.

Претходно, претседателот на САД, Доналд Трамп, најави дека американските сили ќе продолжат со нападите врз Иран.

– Ги погодивме силно вчера и повторно силно ќе ги погодиме денеска – рече Трамп.

„Ќе го претвориме регионот во пекол“

Дополнителни тензии предизвика изјавата на командантот на воздухопловните сили на Револуционерната гарда, Сејед Маџид Мусави.

– Го правите светиот Ормуски Теснец небезбеден? Ќе го претвориме регионот во пекол за вас, од територијата на целиот Иран – изјави Мусави, цитиран од агенцијата Мехр.

Заканата уследи откако Револуционерната гарда објави дека Ормускиот Теснец е затворен за сите бродови. Американската војска, пак, останува на ставот дека поморскиот сообраќај се одвива без прекин.

The post 📽️ САД УДРИЈА ВТОРА НОЌ ПО РЕД, ИРАН СЕ ЗАКАНИ „Ќе го претвориме регионот во пекол“ appeared first on plusinfo.mk.