
Стејт департментот на САД одобри можна продажба на 500 ракети за противвоздушните системи „Патриот“ од типот PAC-3 MSE на Украина, во проценета вредност од 2,1 милијарда долари, објави денеска Ројтерс.
Според информациите од американскиот Стејт департмент, пакетот, покрај ракетите, вклучува и класифицирани и некласифицирани резервни делови, логистичка поддршка и услуги неопходни за одржување и функционирање на системите.
Набавката целосно ќе ја финансираат сојузниците и партнерите на Украина. Средствата ќе бидат обезбедени од Канада, Германија и Норвешка преку американската програма JUMPSTART, како и од национални средства финансирани преку заемот на Европската Унија за поддршка на Украина.
Тоа значи дека за оваа продажба нема да се користат средства од американскиот буџет.
Главен изведувач на договорот ќе биде американската компанија „Локид Мартин“, производител на ракетите PAC-3 MSE.
Според специјализираниот американски медиум Inside Defense, одлуката на Стејт департментот се однесува на можна продажба, а не претставува потврда дека ракетите веднаш ќе бидат испорачани. Во известувањето не е наведен рокот за испорака, а договорот подлежи и на конгресна процедура за разгледување.
Одобрувањето доаѓа во период кога Украина се соочува со недостиг од ракети за системите „Патриот“, кои се меѓу клучните средства за пресретнување руски балистички и други воздушни закани.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека Киев речиси еден месец чекал одобрување од американската администрација за испорака на важни ракетни системи, додека Русија ги интензивира нападите врз енергетската и цивилната инфраструктура.
Зеленски повеќепати побара од Вашингтон да ги забрза испораките на противвоздушни ракети пред зимскиот период.