САД планираат значајно да го намалат бројот на своите авиони и бродови кои му се на располагање на НАТО во Европа, пишува денес американскиот весник „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на двајца неименувани високи европски функционери.

Тоа би ја ограничило способноста на воениот сојуз да извршува напади со голем дострел и да спроведува надзор.

САД им ја соопштиле одлуката на сојузниците на почетокот на јуни во писмен документ, во чии делови „Њујорк тајмс“ имал увид.

Планирано е САД да го намалат бројот на своите ловци Ф-16 и Ф-15Е од 150 на 100, а бројот на поморските извидувачки авиони од 26 на 15.

Сите осум авиони-цистерни за дополнување гориво во воздух ќе бидат повлечени од Европа, како и подморницата за лансирање проектили и носачот на авиони со придружните авиони и неколку воени бродови.

Ќе биде повлечена и една од двете групи бомбардери.

Пентагон одби да ги коментира конкретните бројки во документот и се повика на соопштението на својата Европска команда од минатата недела, во кое воопштено се наведува дека има намера да го намали присуството на американските сили во Европа.

Војската на САД сè уште нема објавено временска рамка за повлекувањето, но американските претставници претходно навестија дека тоа ќе стапи на сила многу брзо, многу порано отколку што очекуваа европските земји.

Наглото намалување на бројот на американските сили во Европа би влијаело врз способноста на НАТО да го следи движењето на руските подморници или да лансира ракети со голем дострел „Томахавк“ длабоко во руската територија, наведува „Њујорк тајмс“.