Рускиот амбасадор, Дмитриј Зиков го коментираше пристапувањето на Македонија кон Коалицијата на волните за поддршка на Украина. Преку објава на веб-страницата на Руската амбасада во Македонија, Зиков вели дека „приклучувањето кон коалицијата на волонтерите е разочарувачко, бидејќи Северна Македонија претходно се воздржуваше од тоа“. Според него, она што се случило на 13 јули, во никој случај не може да се нарече „пријателски“ потег.

„Забележително е дека еден толку голем настан во надворешната политика, може да се каже, не доби доволно внимание од локалната публика. Од мала количина вести, што „тонеше“ меѓу други релевантни за јавноста теми, просечниот граѓанин би можел да доби впечаток дека посетата на претставникот од Северна Македонија била повеќе за учество во прославите на Националниот празник на Франција. Сепак, овој впечаток е погрешен. По „средбата“ во Париз, беше издадена изјава во име на учесниците на „коалицијата на волонтерите“ за поддршка на Украина „колку што е потребно“, „итно прекинување на огнот“, преговори со Русија од позиција на сила со учество на Европа, продолжување на блокадата на руски средства, зголемување на притисок со санкции, спротивставување на таканаречената „флота во сенка“, „политички и правно обврзувачки безбедносни гаранции“ за Украина и подготвеноста на „мултинационалните сили за Украина“ за „обновување“ на украинските вооружени сили и обезбедување поддршка на Киев откако ќе се постигне „траен прекин“ на борбени дејствија. Така, во еден сончев летен ден пред свеченостите, Северна Македонија ги презеде горенаведени многу сериозни обврски“, порачува Зиков.

Рускиот амбасадор оценува дека пристапувањето на Македонија кон „Коалицијата на волните“ не придонесува за мировните напори, без разлика колку основачите на овој, како што вели, „антируски клуб“ би сакале да ги убедат сите во спротивното.

-Во исто време, реакцијата на јавноста на Северна Македонија на пристапувањето на земјата кон „коалицијата“ е сосема разбирлива. Желбата да се „замиже“ кога европските „добротворители“ даваат уште една горчлива пилула е сосема природна. Можеме да бидеме сигурни дека учеството во ескалирањето на тензиите во Европа апсолутно не им одговара на националните интереси на Северна Македонија. Освен тоа, мнозинството граѓани на земјата имаат позитивен став кон Русија и го сметаат нашиот народ за духовно, културно и историски близок. Исто така е очигледен економскиот товар од финансирањето на воените операции од страна на украинските вооружени сили, кои не се запират пред да извршат терористички напади врз цивилното население на Русија, како што беше ужасниот удар врз колеџот во Старобељск, кој одзеде толку многу млади животи“, стои, меѓу другото, во ставот на Руската амбасада.

Членките на Коалицијата на волните се состанаа пред една недела во Париз и ја потврдија својата непоколеблива поддршка за Украина. Повикаа на итен прекин на огнот и најавија дополнително зајакнување на воената, финансиската и политичката помош за Киев. На состанокот учествуваше и Македонија, како една од земјите во рамки на Коалицијата, претставена од вицепремиерот Беким Сали.

Во заедничката декларација, учесниците наведуваат дека, поттикнати од резултатите од самитите на Г7 во Евијан и на НАТО во Анкара, остануваат цврсто обединети во поддршката на Украина во нејзината борба за слобода, суверенитет и територијален интегритет, оценувајќи дека украинската одбрана има клучно значење и за евроатлантската безбедност.

Во декларацијата се бара целосен и итен прекин на огнот, како и продолжување на директните мировни преговори меѓу Украина и Русија, со активно учество на САД и Европа.