
Русија веќе ја користи новата сателитска мрежа „Расвет“, замислена како домашна алтернатива на американскиот „Старлинк“, за воени комуникации над Украина, соопшти украинското воено разузнавање.
Целта на системот е да им овозможи на руските сили подобра контрола врз беспилотните летала, поголема прецизност при нападите и поголема отпорност на украинските системи за електронско војување.
Според податоците на Главната управа за разузнавање при Министерството за одбрана на Украина (ГУР), Русија досега лансирала 32 сателити „Расвет“ во две одделни лансирања, во март и јули годинава. Москва најавува дополнителни лансирања до крајот на 2026 година со цел проширување на географското покривање.
Портпаролот на украинското воено разузнавање, Андриј Јусов, потврдил дека системот се користи за воени цели над Украина, но нагласил дека моменталниот број сателити сè уште не овозможува непрекинато покривање на украинската територија.
Комуникацијата е достапна во одредени временски интервали, кога сателитите поминуваат над соодветните области.
Според процените на украинското разузнавање, системот може да овозможи двонасочна размена на податоци со беспилотните летала. Тоа значи дека извидувачките дронови би можеле да испраќаат информации во реално време, додека операторите би можеле да ги менуваат маршрутите на ударните беспилотни летала за време на летот.
На тој начин, руските дронови би можеле да се приспособуваат на промените во положбата на целите, наместо да се потпираат исклучиво на однапред програмирани маршрути, а потенцијално и полесно да ги избегнуваат системите за воздушна одбрана.
„На подолг рок, ова може да ја зголеми ефикасноста на ударните и извидувачките беспилотни летала и да им ја отежни работата на системите за електронско војување и електронско разузнавање“, изјавил Јусов.
Безбедносниот експерт од Киев, Микола Зенцев, за „Ројтерс“ оценил дека веќе постојат индикации оти „Расвет“ влијае врз прецизноста на нападите со руски млазни беспилотни летала.
Според неговата анализа, руските сили веќе имаат најмалку два висококвалитетни временски прозорци за сателитска комуникација дневно, од кои секој трае повеќе од еден час.
Руската мрежа засега е значително помала од системот на компанијата „СпејсИкс“ на Илон Маск, кој располага со повеќе од 10.000 сателити. Во Украина се користи и воената верзија на американскиот систем, „Старшилд“, која има важна улога во комуникациите и операциите на украинските сили.
Руската компанија „Бирото 1440“, која го координира проектот „Расвет“, планира до 2035 година да изгради мрежа од повеќе од 900 сателити.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела воведе санкции против 10 компании и 19 руски лица поврзани со развојот на системот. Киев предупредува дека сателитската мрежа не е наменета само за комуникација, туку и за командување со воените единици и управување со ударните беспилотни летала и ракетните системи.
Украина побара и од Соединетите Американски Држави да воведат дополнителни санкции против компаниите вклучени во проектот.
„Ројтерс“ наведува дека руското Министерство за одбрана не одговорило на барањето за коментар за користењето на системот.