
Градоначалникот на Москва во вторникот објави дека руската престолнина била мета на напад со повеќе од 390 украински дронови, а гувернерот на регионот изјави дека во нападите се оштетени и станбени објекти. „Повеќе од 390 дронови тргнаа кон Московскиот регион“, но „мнозинството беа неутрализирани значително пред да стигнат до градот“, напиша Сергеј Собјанин на апликацијата Телеграм, прецизирајќи дека „81 непријателски дрон е уништен на приодот кон Москва“.
Гувернерот на Московскиот регион Андреј Воробјов на истата апликација пишуваше за оштетување на една станбена зграда и повеќе куќи, наведувајќи дека засега нема податоци за жртви.
Руското министерство за одбрана пак соопшти дека над петнаесеттина региони, вклучително и московскиот, биле неутрализирани 356 украински дронови во период од тринаесет часа, од понеделникот навечер до вторникот наутро.
Разликата во наведениот број на беспилотни летала не е појаснета, пишува „Франс прес“.
Украинските медиуми, повикувајќи се на воени блогери, пишуваат дека во нападите наводно била погодена челичарницата „Хидросталкострукција“ во Чехов во Московскиот регион. „Kyiv Independent“ пишува дека е погоден и магацин во Коледино, место на 20 километри јужно од Москва, а дека претходно во ноќта била погодена и трафостаница во Феодосија, гратче на окупираниот Крим.