
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, по победата на демократите на изборите за Конгресот на САД изјави дека линијата на Москва во однос на Украина и нејзиниот надворешнополитички курс не зависат од колебањата на политичкиот барометар во другите земји.
Рјабков ова го изјави за руската државна агенција РИА Новости, одговарајќи на прашањето дали резултатите од изборите би можеле да ги комплицираат односите со САД, вклучително и решавањето на војната во Украина.
„Ајде да ги почекаме конечните резултати. Пристапите на активистите на Демократската партија кон односите со Русија се изразито негативни. Во тоа нема ништо ново“, рече Рјабков.
„Нашата принципиелна и доследна линија по прашањето за Украина, како и надворешнополитичкиот курс во целост, не се конјунктурни и, секако, не зависат од колебањата на политичкиот барометар во другите земји“, порача тој. Додаде и дека руската дипломатија ќе работи во согласност со насоките на рускиот претседател.
Григориј Карасин, прв заменик-претседател на Комитетот за меѓународни работи на Советот на Федерацијата на Русија, за порталот Lenta.ru изјави дека резултатите од изборите не придонесуваат за зајакнување на позицијата на Трамп во земјата.
„Трамп останува лидер на земјата уште две години“, рече Карасин.
Демократите на изборите одржани во вторникот освоија мнозинство и во Претставничкиот дом и во Сенатот, што претставува тежок пораз за Трамп и Републиканската партија. Новиот состав на Конгресот почнува со работа во јануари.