
Русија официјално се повлече од Европската конвенција за спречување тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување, соопшти Советот на Европа. Со тоа завршува мандатот на Европскиот комитет за спречување тортура (КСТ) за независен надзор врз местата во кои се лишуваат од слобода лица на територијата на Руската Федерација.
Според соопштението на Советот на Европа, руските власти на 30 октомври 2025 година официјално ја известиле институцијата дека ја откажуваат својата обврзаност со Конвенцијата. Согласно членот 22, повлекувањето стапува на сила една година по доставувањето на известувањето.
Руската Федерација беше страна на Конвенцијата од 1998 година. Во периодот од 1998 до 2021 година, Европскиот комитет за спречување тортура извршил 30 посети во Русија и посетил повеќе од 450 места во кои се задржуваат или се лишуваат од слобода лица.
Сепак, Русија била единствената држава потписничка со официјална политика да не дозволува објавување на извештаите од посетите на Комитетот и одговорите на руските власти. Досега биле одобрени за објавување само четири извештаи. Меѓу необјавените документи се и извештаите од десет посети на Чеченија и Северен Кавказ во периодот од 2000 до 2017 година. Русија и натаму има можност да одобри нивно објавување.
По почетокот на целосната руска инвазија врз Украина во февруари 2022 година, Комитетот добил бројни информации за наводни случаи на тортура и малтретирање од страна на руски службеници во местата за притвор, како на окупираните украински територии, така и во самата Русија.
Поради недостигот од соработка со руските власти, Комитетот не успеал да спроведе посета на Русија за непосредно да ги провери овие наводи.
„Повлекувањето на Руската Федерација го означува крајот на мандатот на КСТ за надзор во земјата. Тоа исто така значи крај на каков било независен надзор врз местата за лишување од слобода во Руската Федерација“, изјави претседателот на Комитетот, Алан Мичел.
Тој нагласи дека независниот надзор врз местата за лишување од слобода е една од основните гаранции за заштита од тортура и нечовечко постапување.
Комитетот ќе продолжи да ја спроведува својата работа во преостанатите 46 земји членки на Советот на Европа.