
Русија веќе со децении го користи правото на вето во Советот за безбедност на Обединетите нации, но група украински дипломати и експерти сега сака да го отвори прашањето дали Москва воопшто има валидна правна основа за членство во таа меѓународна организација.
Како што пишува „Форин полиси“ (Foreign Policy), иницијативата ја подготвува група собрана околу Фондацијата „Филип Орлик“, а меѓу нејзините членови се наоѓа и Володимир Јелченко, поранешен украински амбасадор во ОН.
Јелченко смета дека меѓународната заедница во 1991 година направила сериозна грешка кога ѝ дозволила на Русија автоматски да го преземе местото на Советскиот Сојуз во Обединетите нации.
„Тоа е најголемата измама на векот. Руската Федерација никогаш ја нема потпишано Повелбата на Обединетите нации“, изјави тој.
Централниот аргумент на украинската иницијатива се однесува на начинот на кој Русија по распадот на СССР го презеде советското членство во ОН. Според толкувањето на Јелченко, Русија тогаш станала нова држава и затоа морала да поднесе официјално барање за членство, во согласност со членот 4 од Повелбата на ОН.
Наместо тоа, руските власти испратиле писмо со кое ги известиле Обединетите нации дека го продолжуваат членството на Советскиот Сојуз, вклучувајќи го постојаното место во Советот за безбедност и правото на вето.
Јелченко предупредува дека другите држави кои настанале со распадот на големите државни заедници морале да поминат формална постапка за пристапување.
„Босна и Херцеговина ја помина таа постапка во 1992 година, во согласност со членот 4, по распадот на Југославија. Но, Русите не направија ништо слично. Само го променија натписот на плочката на масата“, рече тој.
Украинската група планира да побара прашањето за руското членство да се стави на дневниот ред на Генералното собрание на ОН, можно е веќе во текот на 2027 година.
Намерата е да се отвори расправа за правната основа на руското претставување во организацијата и за условите што државите мора да ги исполнуваат за да бидат нејзини членки.
Повелбата на ОН предвидува членството да биде отворено за сите мирољубиви држави кои ги прифаќаат обврските од Повелбата и кои се способни и подготвени да ги извршуваат.
Иницијаторите сакаат прашањето за руското претставување да се разгледа и пред Комитетот за акредитации на ОН, тело што ги проверува акредитациите на претставниците на државите членки.
Во случај на политички договор, Генералното собрание би можело да одлучува за прифаќање или оспорување на акредитациите на руските претставници. Како историски преседан се наведува 1974 година, кога на Јужноафриканската Република поради апартхејдот ѝ беше ускратено учеството на нејзините претставници во работата на Генералното собрание.
Сепак, таквата мерка не е исто што и формално исклучување на државата од ОН. Според Повелбата, за исклучување на членка потребна е препорака од Советот за безбедност, во кој Русија има право на вето.
И покрај аргументите на иницијаторите, изгледите Русија да го изгуби членството или постојаното место во Советот за безбедност се многу мали.
Главната пречка е фактот што меѓународната заедница веќе повеќе од три децении ја прифаќа Русија како држава што го продолжува меѓународно-правниот статус на Советскиот Сојуз.
Таквиот статус по распадот на СССР го прифати и самата Украина, меѓу другото и во контекст на договорите според кои Русија го презеде советскиот државен долг.
Поради тоа, оспорувањето на руското членство би значело отворање на сложено правно и дипломатско прашање со можни последици за функционирањето на целиот систем на ОН.
Џејн Кининмонт, извршна директорка на британското Здружение за Обединетите нации, предупредува дека иницијативата би можела да се соочи со отпор од голем број држави. Многу членки на ОН, имено, не ја сметаат Русија за единствена постојана членка на Советот за безбедност која го злоупотребува правото на вето.
Дел од дипломатите исто така предупредуваат дека неуспешниот обид за оспорување на руското членство би можен политички да ѝ наштети на Украина, особено ако не успее да собере доволно широка меѓународна поддршка.
И покрај малите изгледи за формално исклучување на Русија, иницијаторите сметаат дека веќе самото отворање на расправата би претставувало важен облик на политички притисок врз Москва.
Јелченко тврди дека Русија својата позиција во Обединетите нации ја користи за да ги блокира меѓународните одлуки што не ѝ одговараат, но и за да ги шири сопствените политички пораки.
„Русија ги користи ОН за многу работи, на пример правото на вето за да се заштити себеси и другите агресори. Но, го користи ОН и како мегафон за ширење пропаганда“, рече тој.
Смета дека меѓународната заедница предолго се потпирала на политичката пракса воспоставена по распадот на Советскиот Сојуз, без сериозно преиспитување на нејзината правна основа.
„Ова можеби звучи лудо, но ако ги проучите фактите и правилата, Русија не е членка на ОН. Тоа не би требало да биде компликувано“, заклучи Јелченко.