
Русија ја прошири воената инфраструктура долж границите на државите членки на НАТО и се подготвува за можен иден конфликт со тој сојуз, покажува истражувањето што го објави данскиот јавен сервис ДР и неколку европски медиумски партнери.
Според наводите на неименувани лидери на нордиските разузнавачки служби и високи воени функционери, Москва го засилува военото присуство по должина на границите со Финска, Норвешка и балтичките држави, јавува Киeв Индепендент.
Соговорниците предупредуваат дека ризикот од можен руски напад во следните една до три години е најголем досега, бидејќи Европа сè уште работи на зајакнување на своите одбранбени капацитети. „Тоа би била војна што би се водела во сите домени – на копно, во воздух, на море, во вселената и во кибернетичкиот простор“, изјави мајор Брајан Нисен.
Документите на НАТО и проценките на повеќе европски држави, како што наведува ДР, покажуваат дека безбедносната закана расте. Шведската воена разузнавачка служба проценила дека Русија го зголемува бројот на борбени единици во рамките на подготовките за можен конфликт.
„Не веруваме дека се таму само за покажување сила. Станува збор за создавање капацитети за соочување со НАТО во поголем конфликт во иднина“, изјави шефот на шведската разузнавачка служба, Томас Нилсон.
Британски Телеграф објави геолоцирани сателитски снимки кои покажуваат нови касарни, складишни објекти и друга воена инфраструктура долж руско-финската граница. Во тек е и изградба на нова воена база во руска Карелија, долж границата со Естонија е забележано зголемено присуство на воени возила, а се прошируваат и воените капацитети во руската ексклава Калининград.
Командантот на германската копнена војска, генерал-потполковник Кристијан Фројдинг, во разговор за Политико (Politico) предупреди дека Русија до 2029 година би можела да биде подготвена за напад врз некоја од државите членки на НАТО.
„Сите 32 членки на НАТО се согласуваат во проценката дека Русија до 2029 година би можела да стекне способност за напад врз една од членките на Алијансата. Тоа не е германска проценка, туку разузнавачка проценка усогласена во рамките на НАТО“, изјави Фројдинг, додавајќи дека таквиот сценарио би можело да се оствари и порано.
Неговите изјави се совпаѓаат со заклучоците од истражувањето на данскиот ДР за засилувањето на руското воено присуство долж границите на НАТО. Фројдинг предупреди дека германската војска мора забрзано да ја зголемува подготвеноста и порача дека „времето е клучен фактор“.
Иако европските земји по руската инвазија врз Украина ги зголемија одбранбените трошоци, меѓу сојузниците и понатаму постојат различни ставови за нивото на инвестиции потребно за одвраќање на Русија.
Дополнителна загриженост предизвикуваат дебатите за идната улога на САД во европската безбедност. Европските функционери во последните месеци сè почесто се прашуваат како би реагирал НАТО во случај на напад врз некоја од членките на Алијансата за време на вториот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средината на мај предупреди дека Русија би можела да ја искористи територијата на Белорусија за евентуални операции против соседните членки на НАТО.
Посебно внимание притоа се насочува кон коридорот Сувалки меѓу Полска и Литванија, кој воените аналитичари со години го сметаат за една од најчувствителните точки во одбраната на источното крило на НАТО.