
Московскиот Замоскворецки суд денеска ја осуди Жана Немцова, ќерката на убиениот руски опозициски политичар Борис Немцов, на четири години затвор во казнена колонија со општ режим. Пресудата е донесена во отсуство, во постапка поврзана со нејзиното раководење со организација што руските власти ја прогласија за „непожелна“.
Како што објави германски Дојче веле, Немцова е прогласена за виновна за организирање на активностите на странска организација чие дејствување е забрането во Русија. Покрај затворската казна, судот ѝ забрани осум години да администрира интернет-страници и канали. Пресудата сè уште не е правосилна.
Случајот се однесува на Фондацијата „Борис Немцов за слобода“ (Boris Nemtsov Foundation for Freedom), која Жана Немцова ја основаше во Германија во 2015 година, по убиството на нејзиниот татко. Руските власти ја прогласија фондацијата за „непожелна организација“ во април 2024 година.
Според обвинителството, Немцова продолжила да раководи со фондацијата и покрај забраната, организирајќи го нејзиното финансирање и функционирање. Обвинителството како дел од доказите навело и нејзини јавни настапи во кои зборувала за својата улога во организацијата.
Обвинителот претходно побарал пет години затвор и деветгодишна забрана за администрирање интернет-страници. Адвокатот на Немцова изјавил дека таа не ја признава вината.
Жана Немцова ја напушти Русија во 2015 година, неколку месеци по убиството на нејзиниот татко. Во јули годинава московскиот суд нареди нејзино апсење во отсуство, а во септември беше ставена на меѓународна потерница. Во октомври руското Министерство за правда ја вклучи и во регистарот на „странски агенти“.
Борис Немцов, еден од најистакнатите критичари на Владимир Путин и поранешен вицепремиер на Русија, беше убиен на 27 февруари 2015 година на мост во близина на Кремљ во Москва. За неговото убиство беа осудени пет лица, но прашањето за нарачателите остана неразјаснето.