
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) денеска соопшти дека поднела обвинение против основачот на Телеграм, Павел Дуров, за поддршка на терористички активности и дека по него е распишана меѓународна потерница.
ФСБ наведе дека обвиненијата се однесуваат на тоа што Телеграм не отстранил содржини што, според руските власти, украинските специјални служби, како и терористички и екстремистички организации, ги користеле за подготовка и координација на саботажи, терористички напади, масовни убиства и операции на кибер-измами во Руската Федерација.
Дуров и компанијата Телеграм засега не се огласија по повод обвинувањата.
Шифрираната апликација за комуникација Телеграм, лансирана во 2013 година, тврди дека има повеќе од една милијарда корисници и е широко користена и во Русија и во Украина.
Русија во изминатите години повеќепати се обидуваше да го ограничи користењето на Телеграм, истовремено промовирајќи ја сопствената државна платформа за размена на пораки „MAX“.
Дуров е роден во Русија, но поседува државјанства на Обединетите Арапски Емирати и Франција. Тој претходно ја основа и социјалната мрежа „VK (VKontakte)“, позната како руска верзија на Фејсбук, пред во 2014 година да го продаде својот преостанат удел поради, како што тврдеше, притисок од руските власти.
Француските власти, исто така, водат истрага против Дуров поради сомневања дека Телеграм не презел доволно мерки за спречување криминални активности на платформата и дека не соработувал во доволна мера со органите за спроведување на законот.
Дуров ги отфрла сите обвинувања.
The post РУСИЈА ИЗДАДЕ МЕЃУНАРОДНА ПОТЕРНИЦА ЗА ДУРОВ Основачот на Телеграм е обвинет за помагање на терористи appeared first on plusinfo.mk.