
Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија поднесе обвинение против основачот на Телеграм, Павел Дуров, и издаде меѓународна потерница по него. Тој е обвинет за олеснување на терористички активности, објави новинската агенција Интерфакс во среда, објави Ројтерс.
Според руските државни медиуми во март, ФСБ тврди дека повеќе од 153.000 кривични дела се извршени преку Телеграм од почетокот на војната во Украина. Меѓу нив, велат тие, има околу 33.000 случаи поврзани со саботажа, тероризам и екстремизам, вклучувајќи организирање експлозии, палење во воени канцеларии и убиства.
Државниот весник „Росијскаја газета“, повикувајќи се на материјали од ФСБ, тврди дека благодарение на работата на безбедносните служби, се спречени 475 терористички напади наводно планирани преку Телеграм. Меѓу нив, според истите тврдења, имало 61 планиран напад врз училишта.
Руските власти, исто така, тврдат дека Телеграм бил користен за координирање на терористичкиот напад врз концертната сала „Крокус Сити Хол“ во март 2024 година. Тие исто така тврдат дека апликацијата собирала податоци за руските воени претставници, блогери и нивните семејства, вклучувајќи информации за нивните движења и секојдневни навики.
Според Москва, регулаторот Роскомнадзор испратил до Телеграм повеќе од 150.000 барања за отстранување на нелегална содржина во последните години, но компанијата наводно ги игнорирала.
За потсетување, руските власти го прогласија Телеграм за закана за националната безбедност уште во февруари. Павел Дуров потоа го обвини Кремљ за ограничување на пристапот до апликацијата со цел да ги принуди граѓаните да го користат државниот MAX месинџер, кој Москва го претставува како безбедна домашна алтернатива на Телеграм и WhatsApp.
Во исто време, во неколку руски градови се пријавени прекини и забавувања на Телеграм. Според Киев Пост, руските власти постепено ги насочуваат корисниците кон апликацијата MAX, додека некои руски воени блогери предупредуваат дека тоа е технички инфериорно и помалку безбедно решение на кое му недостасува енкрипција од крај до крај.
И покрај ова, Телеграм останува главна алатка за комуникација за руските и украинските војници на бојното поле. Некои руски воени блогери тврдат дека војската добива контрадикторни наредби – според некои, војниците мора да го избришат Телеграм и да се префрлат на MAX, додека други наведуваат дека употребата на MAX во борбени зони е забранета поради безбедносни пропусти. Според „Киев пост“, овие тврдења не можеа да бидат независно потврдени.
Текстот Русија издаде меѓународна потерница по основачот на Телеграм е превземен од А1он.