
Во руската делегација на преговорите со САД и Украина во Абу Даби следната недела ќе има високи воени официјални лица и дипломати, меѓу кои за првпат и заменикот-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за „Интерфакс“.
Трилатералниот состанок за завршување на војната во Украина е закажан за вторник и среда, а тоа ќе бидат први такви преговори од февруари, пренесува „Ројтерс“.
Делегацијата повторно ќе ја предводи советникот на претседателот на Русија, Владимир Медински, како главен преговарач. Покрај Рјабков, во неа за првпат ќе биде и Јуриј Жигарловски, висок офицер во Генералштабот на руската армија.
Рјабков во министерството е задолжен за односите со Северна и Јужна Америка, контролата на вооружувањето, неширењето оружје и прашањата поврзани со иранската нуклеарна програма. Жигарловски е заменик-началник на Главната оперативна управа на Генералштабот, тело одговорно за воено планирање и операции.
Во делегацијата ќе бидат и заменикот-министер за надворешни работи Михаил Галузин и шефот на руската воена разузнавачка служба Игор Костјуков, кои учествуваа и во претходните преговарачки мисии.
Сите членови на делегацијата во петокот се сретнаа со претседателот на Русија, Владимир Путин, на седница на Советот за безбедност, која делумно беше посветена на претстојните преговори. Во делот од седницата што се емитуваше на телевизија, Путин им се заблагодари на Обединетите Арапски Емирати за организацијата на преговорите и рече дека со рускиот тим сака да разговара за подготовките. Поголемиот дел од седницата се одржа зад затворени врати.
Американските преговарачи се обидуваат да постигнат напредок во конфликтот пред почетокот на зимата. Последните преговори со посредство на САД се одржаа во февруари, пред САД и Израел да ја започнат војната против Иран.