Државничка работа не е резервирана само за политичарите. Таа се однесува на сите граѓани на нашата Македонија и таа носи обврска дека никој нема право да манипулира и да дезинформира. Во минатото премногу јавно искажани зборови првично од устите на политичарите, а подоцна и од самопрогласени екологисти ја доведоа Македонија во положба на инвестициска несигурност, поточно држава која не дека не може, туку не сака да напредува и да се грижи за потребите на граѓаните. Згора на сѐ, се употребуваа квалификации кон рударството кои слободно може да ги карактеризирам како сатанизација.

Сатанизацијата која без ниту малку чувство се спроведуваше од погоре наведените, врз една благородна професија како што е рударството е само израз на неспособност, безидејност и промоција на финансиска лукративност чија последна цел е комплетна зависност на Македонија од туѓи моментални интереси.

Со развој на рударството се добива можност да се развие образованието, а тоа ќе донесе нови работни места и демографски позитивен просперитет преку индустријализација, инфраструктурно поврзување и модерно земјоделие.

За жал, граѓаните на Македонија мора да добијат одговор на следново прашање: Како се одвиваше сатанизацијата на рударството?

Рударството во Македонија не е непозната професија. Тоа води потекло од пред 5.000 години, антички период, римско царство, па преку германските племиња Шлезите (село Шлегово, Кратово) и Сасите (рудник Саса, постоечки) па сѐ до денес. Самото рударство е интересно поделено во Македонија. Неметалните руди се наоѓаат пред сѐ во западниот и во средишниот дел на Македонија, а металичните руди во Источниот дел. Тука постои рударската металична жица која води од Крива Паланка, Куманово итн. до Валандово и Струмица каде во целиот потег има значителни количини на бакар, но и злато и сребро. Најголем откриен рудник поточно негово наоѓалиште за бакар и злато е Иловица-Штука во општините Босилово и Ново Село.

Сатанизацијата започна со кампања како да ја измислил лично „Луцифер“, а ја спроведуваа еко активисти од различни здруженија на граѓани, па и измислени Зелени институти и нормално партии кои наводно биле загрижени за здравјето на луѓето и се со некаква зелена агенда.

Трите примери за дезинформации кои ќе ги споменам се 100-процентна вистина.

Првата дезинформација се водеше од ултра националистички побуди. Поради тоа што во одредени моменти министерствата за економија и за животна средина и просторно планирање по некое непишано правило им припаѓаа на политички партии кои се со доминантно членство од наши сограѓани (комшии) Албанци се користеше следнава кампања: Албанците намерно даваат концесии за геолошки истражувања за металични руди и концесии/дозволи за работа на рудници само во источна Македонија за да ги отрујат Македонците. И тука се употребуваат разни метали кои се наоѓаат во Менделеевиот периодичен систем на елементи како што се арсен, кадмиум итн. дека ќе влезат во почвата и водата и дека сите ќе умрат, дека ќе се користела киселина која ќе течела во наредните петстотини години итн.

Втората дезинформација кој е уште пострашна е дека при копањето на рудата ќе се користеле експлозиви (во монструозната кампања само додаваш) кои најверојатно ги замислувале како во цртаните стрипови со Капетан Мики, нели се поставува ТНТ и се криеш позади некоја карпа и во исто време добиваш повреди на слухот и целото тело ти вибрира од самиот чин. Аргументите кои се користеа не правеа разлика што модерната технологија користи „имплозија“ и која согласно законот на Европска Унија звукот кој се произведува при чинот е во рамките на здравствено дозволени децибели кои нашето уво природно ги прима и земјата само се растресува.

Третата дезинформација која е непосредно поврзана со втората, а е во содејство со првата е дека во рамките на целото Струмичко поле од рудникот Иловица-Штука и Валндовското поле од рудникот Казандол ќе биле покриени со 5 сантиметри прашина и целиот земјоделски принос ќе бил загаден и сите граѓани кои живеат во Југоситокот ќе морале да се отселат и целиот тој крај ќе бил контаминиран во наредните стотици години.

Би сакал да објаснам дека во Македонија има факултети каде сериозно се учи математика и каде и на најголемите противници за рударство овој тип на дезинформација не само што не им е верен и веродостоен, туку започнаа и да се подбиваат со промоторите на овие дезинформации.

На оваа луда теорија металург и рудар ќе реагираат на следниов начин со овој карактеристичен одговор: Сѐ уште не се родил и не се образовал наш колега кој ќе дозволи да му избега прашината надвор од предвидениот периметар согласно проектната скица во внатрешноста на индустрискиот комплекс од едноставна причина, целиот метал е во прашината, а начинот на дробење и мелење е на принципот мелница за кафе и ова се учи во прва година средно образование за рудари и металурзи.

Морам да признам дека лично не сум запрепастен од злобните дезинформации туку од храброста и леснотијата со која се искажани и како одредена група безмилосно ги промовираше.

Можеби за некого е излитена фразата на Џон Кенеди во која упатува да размислуваш што ти лично можеш да направиш за државата, ама има многу вистина во неа ако сакаме да си ја сочуваме нашата мила Македонија. Затоа секој од нас мора да се насочи кон она што го знае, а не кон она што ни во сон не му се јавило. За да може да се зборува за рударство бара првенствено знаење за да имаш капацитет да го разбереш концепсиски пристапот од потребата за истото, а подоцна и да коментираш за технологии и техники.

И покрај сите дезинформации кои се пласираат во јавноста од елементарно необразовани личности и од нивните промотори кои работат за туѓи бели дворови, науката секогаш победува на крајот.

П.С. Премногу сум убеден дека кога Луцифер ја следел кампањата за сатанизација на рударството во Македонија, гарант си рекол: Уби ме туѓа срамота.

Да живее Македонија!

The post Рударството е државничка работа appeared first on plusinfo.mk.