
Во време кога Европската Унија забрзано бара нови извори на критични минерали за поддршка на зелената транзиција, дел од домашната стручна јавност смета дека Македонија не треба да ја пропушти можноста да ги искористи сопствените минерални ресурси. Според експертите, современото рударство денес користи технологии кои значително се разликуваат од оние што се применувале во минатото, овозможувајќи повисоко ниво на заштита на животната средина.
Претседателката на Македонското геолошко друштво и универзитетска професорка Соња Лепиткова посочува дека токму технолошкиот напредок е една од клучните разлики меѓу современите и старите рударски проекти. Како пример го наведува сувото одлагалиште – систем за управување со јаловината кој е предвиден и во проектот за рудникот за бакар „Иловица–Штука“.
„Технологиите за ископ и преработка на метали со годините значително напредуваа. Таков пример е сувото одлагалиште, кое е современо решение за складирање на рударската јаловина“, истакна професорката Лепиткова во изјава за Канал 5 ТВ.
Таа нагласува дека земјата располага со стручни кадри кои имаат знаење и капацитет да работат со ваквите современи технологии.
„Нашите инженери од сферата на геологијата, рударството, металургијата и останатите инженерски области коишто треба да вклучени во работата на овие капацитети имаат висок потенцијал – научен, професионален, експертски и стручен“, тврди Лепиткова.
Според неа, придобивките од реализацијата на проектот не би се ограничиле само на самиот рудник, туку би се почувствувале во целиот регион преку нови работни места, поголема економска активност, приходи за локалните буџети и соработка со домашните компании. Во таа насока, потсетува и на наодите од Стратегијата за минерални суровини 2026–2046, во која се наведува дека повеќе рударски средини во Македонија успеале да го задржат населението и економската активност благодарение на рудниците.

Проф.Соња Лепиткова
„Низ годините наназад се гледа дека во одредени делови на Македонија рударските капацитети придонеле, не само за местата каде што постојат, туку на целиот регион и на целата држава. Ова е моментот кога Европа и целиот свет кубурат со ретки, расеани, критични минерали коишто ние ги имаме и ние тој момент треба да го искористиме. Секако, сѐ она што се работи да биде со високи перформанси, еколошки запазени стандарди и од тоа да нема никаква отстапка“, заклучува професорката по геологија Лепиткова.
Слични оценки претходно изнесоа и други претставници на академската заедница. Универзитетскиот професор Благој Голомеов оцени дека современите технологии овозможуваат безбедно функционирање на рудниците, додека професорот и геолог Ѓорѓи Димов нагласи дека денешното рударство суштински се разликува од минатото токму поради примената на нови технологии и строгите европски стандарди за заштита на животната средина.
Поддршка за проектот изразува и локалната иницијатива „И здравје и работа“, од каде сметаат дека одлуките за стратешки инвестиции треба да се темелат на научни факти, експертски анализи и законските процедури.
„Во изминатиот период бројни професори, геолози, инженери и други експерти јавно зборуваа за современите технологии што денес се применуваат во рударството и за високите европски стандарди за заштита на животната средина. Нивните ставови заслужуваат внимание и почит, бидејќи се темелат на знаење, долгогодишно искуство и научни факти. Веруваме дека државата треба да ги слуша токму тие гласови. Одлуките за стратешки проекти не смеат да зависат од притисок од мала група на луѓе кои немаат ниту некакво образование, ниту некакво искуство во рударството, туку од законите, стручните анализи и институциите. Само така може истовремено да се заштитат природата, здравјето на граѓаните и јавниот интерес“, посочија од иницијативата.
Оттаму додаваат дека доколку проектот не ги исполни пропишаните еколошки и технички критериуми, не треба да се реализира. Но, доколку ги исполни сите законски и стручни стандарди, сметаат дека Македонија не треба да ја пропушти можноста за реализација на една од најголемите инвестиции во поновата историја.