
Романија го повика амбасадорот на Русија по соборувањето на третото беспилотно летало во нејзиниот воздушен простор. Во петокот беа соборени два дрона, а денес борбен авион Ф-16 пресретнал дрон во романскиот воздушен простор над Црното Море, соопшти романскиот министер за одбрана.
-Денес романски борбен авион Ф-16 собори дрон над Црното Море, пет минути откако влезе во воздушниот простор на земјата, објави романскиот министер за одбрана, Раду Мируца, на Фејсбук.
Романија соопшти дека го повикала амбасадорот на Русија откако војската на членката на НАТО собори трет дрон за исто толку дена.
Романија доживеа чести упади со беспилотни летала откако Русија ја започна инвазијата на Украина, но не собори ниту едно до петокот.
Министерката за надворешни работи, Оана Чоиу, рече дека Романија го повикува амбасадорот на Русија по повторени прекршувања.
Романскиот претседател, Никушор Дан, рече дека според истрагата, дрон соборен во петокот бил модел на Шахед што го користела Руската Федерација во нејзината агресивна војна против Украина.
-Истрагите за беспилотните летала соборени во саботата и неделата продолжуваат. Неприфатливо е и неподносливо Руската Федерација да продолжи да го нарушува воздушниот простор на Романија, кој е исто така и воздушен простор на НАТО и Европската Унија, напиша Ден на X.
Дронот соборен денес, исто така, се чини дека е од руско потекло, рече Мартин О’Донел, висок воен портпарол на НАТО.
Тој рече дека соборувањето на беспилотните летала се случило во време кога Романија и другите земји-членки на НАТО активно набавуваат копнени пресретнувачи за да ја зголемат својата воздушна одбрана.
Романија го интегрираше американскиот систем за борба против беспилотни летала Merops во својата одбрана кон крајот на јуни. Мобилниот систем, управуван од вештачка интелигенција, е дизајниран да пресретнува мали цели што летаат на ниски височини.
Земјата пријави десетици упади на беспилотни летала од почетокот на украинската војна. Еден удри во станбена зграда во Галаци на границата со Украина во мај, при што беа повредени две лица.
Парламентот на Романија лани усвои закон со кој се дозволува соборување на беспилотни летала што го нарушуваат нејзиниот воздушен простор.